ГИ УКИНУВААТ БЕСПЛАТНИТЕ ТЕСТОВИ Германија нема да фрла пари, затоа што вакцини има за секого
Со оглед на тоа што вакцинацијата е достапна за сите жители, федералната влада, а со тоа и даночните обврзници, повеќе не е оправдано да ги плаќаат трошоците за сите тестови - стои во нацрт-предлогот.
Германија размислува за укинување на бесплатните тестови за ковид-19 во октомври, објавија медиумите на групата РНД, повикувајќи се на нацрт-предлог за кој канцеларката Ангела Меркел ќе разговара со лидерите на 16 федерални држави.
Германската влада воведе бесплатно тестирање за целото население во март, пред крајот на третиот бран со ковид-19 во државата.
Во моментов, 55 проценти од германското население е вакцинирано, така што има повици парите на даночните обврзници да престанат да се распределуваат за субвенционираната шема, од која корист имаат пред се оние кои не се вакцинирани, иако вакцината е достапна за секого, пренесува Ројтерс.
– Со оглед на тоа што вакцинацијата е достапна за сите жители, федералната влада, а со тоа и даночните обврзници, повеќе не е оправдано да ги плаќаат трошоците за сите тестови – го цитираше нацрт-предлогот РНД.
Оние кои не можат да се вакцинираат, сепак имаат право на бесплатен тест
Помалку од седум недели пред парламентарните избори, Меркел и федералните лидери ќе разговараат за мерките за спречување на ширењето на варијантата делта на вирусот, без повторно воведување општо затворање на државно ниво.
Нацртот предвидува дека оние кои не можат да се вакцинираат од здравствени причини, сепак имаат право на бесплатен тест.
Сѐ уште не е познат точниот датум во октомври кога мерката ќе биде укината, додава РНД, германска медиумска асоцијација со седиште во Хановер.
Германија има повеќе од 3.000 нови инфекции секој ден во изминатите 5 дена, но скоро 63 проценти од германското население е вакцинирано со барем една доза, така што владата се надева дека ќе избегне нови заклучувања.