ГИ ПОЛНИ БОЛНИЦИТЕ И ГИ ПРАЗНИ ШКОЛИТЕ Омикрон беснее во регионот
Во Австрија наставата со еден болен ученик продолжува на училиште, но другите ученици мора да се тестираат секој ден. Ако втор ученик во класот се разболи во рок од три дена, тој клас ќе се префрли на онлајн настава.
Романија постави апсолутен рекорд на нови случаи со ковид-19 во изминатите 24 часа, објавија локалните медиуми.
Групата за стратешки комуникации соопшти дека бројот на нови случаи за едно деноноќие изнесува 34.255. Во земјата вчера, исто така, беше постигнат рекорд од 19.685 новозаразени. Во изминатите 24 часа се пријавени 94 смртни случаи како последица на коронавирусот..
Во Хрватска, неофицијално, во изминатите 24 часа е забележан нов црн рекорд според бројот на заразени – вкупно 18.517 лица. Последен пат најмногу инфицирани случаи биле регистрирани на 20 јануари – 17.489.
Според хрватските медиуми, 11.812 новозаболени лица биле потврдени на ПЦР тестови, а 6.705 заразени лица биле потврдени со брзи антигенски тестови.
Во Словенија во последните 24 часа со ПЦР тестирање се потврдени повеќе од 17.000 нови инфекции, што е најголем број заразени случаи во еден ден од почетокот на епидемијата.
Потврдени се 17.092 инфекции, што е за 4.799 повеќе од пред седум дена. Тоа е и повеќе од најголемиот број дневни инфекции досега, во неделата кога имаше 13.911 новозаболени.
Медиумите пренесуваат загрижувачки податоци од болниците во кои коронавирусот се проширил речиси во сите оддели, како и зголемен број заразени меѓу медицинскиот персонал кој сѐ повеќе останува во изолација или е инфициран.
Во Австрија, пак, има сѐ повеќе позитивни ПЦР тестови на ученици и паралелки кои поради заразени ученици преминале на онлајн настава.
Оваа недела имаше повеќе позитивни тестови во провинциите Салцбург и Штаерска отколку пред една седмица. Во Салцбург со тестирање се „откриени“ 247 позитивни ученици, што е двојно повеќе од пред една недела, а во Штаерска 603, што е исто така двојно повеќе.
Во моментов, 1.900 паралелки се префрлени на онлајн часови поради болни ученици. Минатиот петок ги имаше 100 помалку.
– Мораме да тргнеме од тоа дека по викендот дел од часовите ќе се вратат на настава во училиштата, но и дека други ќе преминат на учење на далечина – истакнуваат од Министерството за образование.
Засега нема ниту едно училиште кое мора целосно да се затвори. Според важечкото правило, наставата со еден болен ученик продолжува на училиште, но другите ученици мора да се тестираат секој ден. Ако втор ученик во класот се разболи во рок од три дена, тој клас/одделение ќе се префрли на онлајн настава.