Ги најавија како ремек дело, а сега се вадат на короната што нема хеликоптери за итна помош

Висок владин функционер вели дека поради пандемијата со коронавирусот има пречка да се реализира договореното и дека државата нема да плати никаква штета за тоа што не се спроведе договорот со компанијата која требаше со два хеликоптера да нуди бесплатна медицинска помош.   

953

Премиерот Зоран Заев пред две години ветуваше дека два хеликоптера опремени за медицинска прва помош ќе бидат ставени на располагање на граѓаните, кои би добивале помош за 15 минути, каде ѝ да се. За ова беше потпишан и договор кој тогашниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, го оцени како „ремек дело“, а беше ветено дека услугата за граѓаните ќе биде бесплатна. Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема по истекот на договорот требаше да останат во сопственост на државата.

За жал, ова „ремек дело“ и до ден денеска не се реализира, а беше спроведен и тендер за избор на најповолна понуда за воспоставување на јавно приватно партнерство за хеликоптерски итен медицински систем во Македонија (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР). Подоцна, беше потпишан и договор со компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, која се нафати, според договореното да купи два хеликоптера, да опреми осум хелиодроми низ земјава и да го воспостави целокупниот систем за спасување – пилоти, медицински екипи и поврзаност со државните служби – МВР, ЦУК, Брза помош, Армијата.






Компанијата САРХЕМС е во деловно партнерство со шведската компанија „Свидиш хеликоптер конзорциум” (SHC Swedish Helicopter Consortium AB) и овој договор, иако тогаш беше многу оспоруван од опозицијата, сепак ветуваше дека македонските граѓани ќе добијат навремена медицинска помош. По две години стана повторно актуелен, за жал, поради еден трагичен настан во Кратовско кој ја вознемири македонската јавност. Поради ненавремена реакција почина човек, откако никој од надлежните не им излезе во пресрет на лекарите кои биле принудени со часови низ стрмен планински терен да го пренесуваат на раце.

Една година подоцна, откако Владата стави параф на договорот со САРХЕМС, тој пропадна, но остана нејасно зошто се случи тоа. Договорот не ѝ беше достапен на јавноста, а имаше и многу шпекулации и обвинувања од опозицијата кои набрзо беа заборавени. САРХЕМС наводно е основана во Скопје, 24 дена пред датумот на распишување на тендерот, а нејзин сопственик и основач е компанијата „Свидиш хеликоптер конзорциум“ со седиште во Упсале, Шведска.

Зошто пропадна договорот со хеликоптерите и дали во него имало обврска државата да плаќа пенали во случај да не се реализира тој? Висок владин функционер вели дека поради пандемијата од коронавирусот имало пречка да се реализира договореното и дека државата нема да плати никаква казна за тоа.

Од Владата побаравме и официјална потврда за причините за пропаднатиот договор.

– Договорот за воспоставување јавно-приватно партнерство за формирање современа модерна организација – платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР) е раскинат со одлука на 26. седница на Владата на Република Северна Македонија. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни, на државата и на операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата со ковид-19 – велат од Владата за Плусинфо.

А дали на овој план е соработувано со друга компанија и дали ќе има нов тендер, од Владата велат дека нема да се откажат од проектот и по завршувањето на кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 ќе биде распишан оглас на кој право на учество ќе имаат сите оператори доколку понудат бесплатни услуги за потребите на граѓаните и на државата, а за сметка на транзитирањето на патници на нашата земја. Штом ќе биде донесена одлука за распишување на повикот јавноста ќе биде информирана, велат од Владата.

Според договорот што поради пандемијата бил раскинат, компанијата требаше да инвестира девет милиони евра, а секоја година за времетраењето на договорот од осум години на државата да ѝ плаќа 10.000 евра. Интервенцијата на хеликоптерите, како што тогаш беше најавувано, требаше да биде во рок од 15 минути на територијата на целата земја.

Поврзани содржини