ГИ ИСПОКРШИВМЕ КОЛИТЕ Граѓани со протест побараа реконструкција на патот Демир Хисар – Другово

Од Министерството за транспорт најавија дека ќе им излезат во пресрет на жителите и додека се работи на проектната документација, ЈП за државни патишта ќе ги санира најоштетените делови од овој патен правец.

1,337

Регионалниот пат Демир Хисар – Кичево денеска 2 часа беше блокиран од страна на жителите од демирхисарските села. Тие бараат да се реконструира оваа делница од околу 40 километри и рок до кога ќе се стори тоа.

Патот е стар речиси половина век, преполн е со ударни дупки, а на места асфалтот е целосно раскопан.






Тие се заканија дека доколку не добијат одговор од надлежните институции, ќе преземат порадикални мерки.

-И во 2020 и во 2021 година, ередтсвата беа обезбедени од ЕБОР, стои ставката за рехабилитација на Другово – Демир Хисар, нема реализација. Апелираме до надлежната институција во најбрз можен рок, да обзнани каква ќе биде нивната реакција. Ако не добиеме одговор ќе ги интензивираме протестите – рече Виктор Блажески, жител на демирхисарско.

Лошата состојба на патот, кој е од клучно значење бидејќи ја поврзува цела западна Македонија, велат дека им влијае врз нормалното живеење. Имаат огромни штети на автомобилите, а наместо за 35 минути, до Кичево пристигнуваат за 1 час.

– Ова прашање беше покренато на состаноците на Пелагонискиот плански регион, патиштата во цел регион се катастрофални, но овој мислам дека е веќе алармантно и небезбедно и мислам дека мора да се преземат мерки што е можно поскоро – изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.

Од Министерството за транспорт и врски информираа дека Јавното претпријатие за државни патишта веќе работи на проектната документација за рехабилитација на регионалниот пат  Демир Хисар – Другово.

Се очекува проектот да биде завршен до пролет оваа година, а предвидена е целосна рехабилитација во должина од 42 километри од овој патен правец.

Оттаму додаваат дека ќе им излезат во пресрет на жителите и додека се работи на проектната документација, претпријатието ќе ги санира најоштетените делови од овој патен правец.

Поврзани содржини