ГИ БИРААТ НАЈДОБРИТЕ ЗА ЕЛИТНАТА ЕДИНИЦА Истекува рокот за 400 нови пожарникари
Истекува рокот за вработување на 400 пожарникари – потребна е само медицинска потврда, а најдобрите ќе влезат во специјална единица што е во фаза на формирање.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска ги повика сите заинтересирани граѓани да се пријават за владиниот повик за вработување на 400 пожарникари, кој истекува во четврток.
Како дел од владините мерки за справување со шумските пожари, граѓаните кои сакаат да се вклучат во противпожарните служби треба најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалните Центри за вработување.
– Ги повикувам сите заинтересирани најдоцна до четврток да се пријават во Центарот за вработување во својот град. Единствено што треба да носат е медицинска потврда од надлежен доктор, со која се потврдува дека не боледуваат од тешки заболувања – изјави Ангелов.
Според него, не се потребни други документи, а кандидатите кои ќе бидат избрани ќе бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици.
Особено внимание ќе се посвети на кандидатите од Скопје и околината, кои ќе имаат можност да конкурираат и за влез во новоформираната специјална единица за заштита и спасување.
– Ќе ги избереме најдобрите, а дел од нив ќе добијат шанса да бидат дел од новата елитна специјална единица што се формира – истакна Ангелов.
Тој појасни дека според информациите кои ги има, 80 пожарникари ќе бидат ангажирани во Скопје, каде што Центарот за вработување се наоѓа во Општина Кисела Вода, а со мерката се опфатени вкупно 14 општини, при што само една не аплицирала.
Ангелов додаде дека интересот е голем, но имало одредени нејаснотии каде точно да се аплицира. Затоа упати повик до сите заинтересирани да се јават во локалните центри за вработување – во својот град или во некое соседно место каде што има таков центар.