ГЕРМАНИЈА САКА ДА ГО ПРОМЕНИ ПРАВИЛОТО НА ЕДНОГЛАСНИ ОДЛУКИ ВО ЕУ Муцунски очекува нов пристап кон проширувањето

Министерката Аналена Бербок кажа дека во моментот како услов ни е поставен процесот на уставни промени, но не ја отфрли можноста за дијалог за иницијативи, бидејќи и духот на еворпските вредности е меѓусебе да комуницираме и да сме сигурни дека стратешки сме усогласени за истиот правец, рече денеска министерот Тимчо Муцунски.

586

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на нивната неодамнешна средба во Берлин ги посочила уставните промени, кои во моментот ни се поставени како услов за продолжување на евроинтегративниот процес, но не ја отфрлила можноста за дијалог за иницијативи, бидејќи и духот на европските вредности е меѓусебе да комуницираме.

– Не сакам да се внесам во дијалог што точно кажала министерката. Таа кажа дека во моментот едногласноста во одлучувањето е правило кое Германија сака да го промени во делот на проширувањето. Германија има и активна иницијатива да го промени правилото во делот на проширувањето, а ја поддржуваат повеќе земји членки. Министерката, исто така, кажа дека во моментот како услов ни е поставен процесот на уставни промени, но истовремено, барем јас што следев, никаде не ја отфрли можноста за дијалог за иницијативи, бидејќи и духот на еворпските вредности е меѓусебе да комуницираме, да дискутираме и сите да сме сигурни дека стратешки сме усогласени за истиот правец. Јас тоа навистина го ценам што една голема земја членка како Гермнија прати една силна порака – рече денеска министерот Муцунски по трибината во Владата, на која учествуваа и министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.






За тоа кога ќе се случат уставни измени и дали ќе се случат, Муцунски рече дека конечен одговор на тоа прашање ќе го дадат две третини од пратениците и оти постојното владејачкото мнозинство има скоро две третини од 120 пратеници.

– Јас тоа во моменот не би можел конкретно да ви го одговорам. Ние како Влада имаме свест дека уставните измени се услов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Да не биде дека министерката во Германија зборува едно, а ние зборуваме друго. Сите сме свесни дека тоа е услов, многу погрешно поставен, но таков е условот во моментот. Е сега, како да сме сигурни дека ова ќе биде последно барање од ваков тип или профил којшто не е поврзан со европски стандарди, туку е повторно поврзано со билатерално прашање покренато од наш сосед којшто не соодејствува со европски вредности? Бидејќи, утре и да има блокада заради нереализирање на реформската агенда или заради нереализирање на нешто што е клучно во делот на кој било од кластерите, можеби би биле незадоволни, можеби би биле несреќни, но, принципот е тој. Треба да се усогласите со највисоките стандарди за да станете земја членка – вели Муцунски.

Министерот вели дека сакаме напред по европскиот пат, но сакаме и пристап којшто нè штити нас, а ја штити и ЕУ.

– Јас сум на ставот дека не треба да се расфрламе со рокови или со време, туку треба да обезбедиме едно решение коешто ќе ни даде долгорочна сигурност, некој вели гаранција. Еве да користиме поблаг збор, сигурност дека патот напред ќе биде предвидлив и ќе бидеме мерени врз основа на објективни критериуми. Никогаш не сме рекле дека таквото решение ќе биде лесно да се најде, но нашата обврска е да бидеме усогласени за сето она што го зборуваме подолг период, што сме го зборувале пред граѓаните во кампања и што сега го зборуваме. Да, сакаме напред по европскиот пат, но сакаме и пристап којшто нè штити нас, а ја штити и ЕУ. Потенцијално ново вето врз основа на билатерално барање ќе значи раст на евроскептицизмот не само кај нас, туку и во целото соседство, каде има политичари коишто едвај чекаат да покажат со прст и да речат, еве видете повторно што прават, видете со какви неправди се служи ЕУ. И затоа велиме ние се штитиме себе, но ја штитиме и политиката на проширување ваква каква што е во овој момент – нагласи Муцунски.

Прашан дали ние ќе чекаме ЕУ да го смени принципот на одлучување со едногласност за да го продолжиме евроинтегративниот пат и кои се плановите на Владата доколку по изборите не се формира влада во Бугарија и нема релевантен партнер за разговор таму, Муцунски вели државата нема време за чекање и мора да има отворен дијалог.

– Ние немаме време како држава за чекање. Ова е владејачко мнозинство со скоро двотретинско мнозинство. Најлесното нешто што може да го направи ова владејачко мнозинство е да чека. Да рече, видете, не е добар овој предлог, спротивставен е со наши интереси, ние ќе работиме на европскиот пат, но не чувстуваме потреба да разговараме. Ние велиме мораме да имаме отворен дијалог бидејќи државата нема време за чекање и сака да ги отвори пристапните преговори, бидејќи сега доаѓаме на констатацијата и го рушиме оној мит создаден од претходно дека ние преговараме. Бидејќи се создаваше една таква аура дека преговараме со ЕУ. Затоа велам ќе дискутираме, активен ангажман ќе има и премиерот и претседателката и колегата Муртезани, и јас лично, за изнаоѓање на решение, но не решение по секоја цена.  Јас би сакал што побрзо да се формира влада во Бугарија, бидејќи без да се формира влада тешко е дека ќе може со полн политички легитимитет да се дојде до компромис каков што ни посакуваме – вели шефот на диполатијата.

Тој уште еднаш го нагласи фактот дека Германија јавно и отворено почна да зборува за промена на системот на гласање.

Поврзани содржини