Германија ја предводи Европа во дуелот со Русија

Со германски Таурус или без него, Мерц и Германија испраќаат сигнали до Москва, но и до останатите земји-членки на Унијата, дека мора да се забрза воената интеграција и да се изгради европска војска способна да војува на два фронта: како одвратувачка сила во однос на заканите кои доаѓаат од Москва, но и како гаранција во моменти кога Европа се соочува со несигурностите проектирани од Америка на Трамп.

592

Во помалку од еден месец од доаѓањето на власт, новиот германски канцелар Фридрих Мерц одлучно се оддалечува од позициите и политиките на својот претходник, социјалдемократот Олаф Шолц, особено околу пристапот кон војната во Украина, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Додека канцеларот Шолц беше крајно внимателен околу германското мешање во воените динамики, Мерц сѐ почесто и забрзано застанува на страната на Украина. Во кратко време Мерц отпатува до Киев кај Зеленски, ги зајакна напорите за забрзано национално вооружување, силно го поддржа европскиот план за заедничка одбрана и најважно, објави дека повеќе нема никакви ограничувања за дометот на западното оружје што Украина може да го користи против руските сили. Со тоа Мерц ја навести и одлуката, која сѐ уште не е донесена, за испорака на ракети „Таурус“ со долг дострел во Украина, кои можат да се испалуваат стотици километри длабоко во руска територија, но и далеку попрецизно од останатите ракети кои Киев ги добива од западните партнери, како француските „Scalp“ и британските „Storm Shadow“.






Оттука разбирливо е дека искрите помеѓу Берлин и Москва околу Украина сведочат за едно забрзување на предизвикот на Путин врз Европа, особено откако американските преговори со Русија завршија во слепа улица, но сведочат и за растечката свест кај Германија и Мерц дека од исходот на конфликтот во Украина зависи европската сигурност и безбедност.

Критики од Москва

Москва изреагира со фронтален напад врз германскиот канцелар, прво обвинувајќи дека Берлин од поодамна и тајно им дал дозвола на Украинците да користат ракети со долг дострел, а потоа и предупредувајќи го Фридрих Мерц дека неговите „Taurus Kepd 350“ ракети ќе завршат „изгорени како и Леопард тенковите“, уништени од руските сили, заробени и потоа изложени како трофеј на руските плоштади.

Од почетокот на војната Путин и неговите најтесни соработници сѐ почесто употребуваа еден поагресивен тон и јазик кон Европа, до степен да ја заменат ЕУ со НАТО како главен стратешки ривал, но тоа што сега се случува помеѓу Берлин и Москва, најавува едно сосема поинакво и двојно забрзување на непријателството.

Една од причините можеме да ја идентификуваме во зарибаните преговори помеѓу Владимир Путин и Доналд Трамп. Двата часа поминати на „црвениот телефон“ му имаат разбистрено на Трамп дека Путин во овој момент не е заинтересиран за примирје, дека целта му е да ја претвори Украина во вазална држава и дека пред сѐ купува време со цел да го зголеми воениот притисок врз Киев. Оттука и хипотезата дека Вашингтон може да наметне нови санкции против руската нафта, со цел да го казни секој оној којшто нелегално ја купува, и така да ѝ нанесе сериозни штети на Путиновата воена економија.

Во обид да се избегне ескалацијата, рускиот министер за надворешни Сергеј Лавров, одново ја лансираше идејата за „преговори во Турција“, но истовремено Кремљ ја заострува кризата со Европа со крајна цел да ја оддалечи ЕУ од Америка. Заострениот дуел со Берлин треба да му послужи на Путин за да го спротивстави фронталниот судир со Европа, на срамежливите преговори со Трамп, надевајќи се дека на тој начин ќе го оттурне Вашингтон уште подалеку од Брисел.

Оддалечувањето на двата брега од Атлантикот отсекогаш била стратешка цел на Москва, и овој пат Путин чувствува дека може да го трансформира личниот дијалог со Трамп во корисен инструмент за остварување на своите стратешки цели.

Водечка позиција на Берлин

Но, тоа не е сѐ. Посетата на Литванија, каде што Германија ја распоредува својата прва оклопна бригада надвор од сопствената територија по Втората светска војна, покажа дека официјален Берлин сака да заземе водечка позиција во европската одбрана. Мерц деновиве го посети и Хелсинки со цел да означи поддршка за НАТО сојузникот кој има најдолга граница со Русија од 1.340 километри, и долж која се гради блиндирана одбранбена линија, во страв дека може да следува изненадувачки руски напад.

Како потврда на таквото сценарио се информациите за видно зајакнување на руските трупи во некои од базите пред финската граница, како и за почетокот на масовни воздушно-поморски маневри во Балтичкото Море, со употреба на најмалку 20 воени бродови и преку 3.000 трупи, како поддршка на Санктпетербуршката флота, која веќе е ставена во функција да ги предизвикува меѓународните санкции и да ги следи руските нафтени бродови кои ѝ дозволуваат на Москва нелегално да извезува и да продава нафта, со цел да ги финансира воените напори.

Ескалацијата во северот од Европа е потврдена и од одлуката на Стокхолм и на Хелсинки да создадат заеднички воени контингенти кои би се соочиле со руските трупи во Арктикот, како и од одлуката на Пентагон да го зголеми распоредувањето на трупи во Шведска, каде се изведуваат воени вежби на само 320 километри од руската граница. Сѐ тоа ни објаснува зошто европските земји кои излегуваат на Балтикот, вклучувајќи ја и Полска, стравуваат дека евентуалната победа на Путин во Украина, може да ги направи идна мета и цел на руската агресија, и од тие причини бараат заштита и гледаат кон Берлин како клучен сојузник.

Ако на сѐ тоа додадеме дека Германија е клучната земја на континентот, дали економски или индустриски, за реализација на проектот за заедничка европска одбрана, тогаш не е тешко да дојдеме до заклучокот дека кошкањето помеѓу Берлин и Москва всушност ни опишува една ескалација на тензии, било политички или стратешки, долж жешката граница која ја дели Европа, од украинските ровови, до финските езера, поминувајќи преку Белорусија, Полска и Балтичките држави.

Со германски Таурус или без него, Мерц и Германија испраќаат сигнали до Москва, но и до останатите земји-членки на Унијата, дека мора да се забрза воената интеграција и да се изгради европска војска способна да војува на два фронта: како одвратувачка сила во однос на заканите кои доаѓаат од Москва, но и како гаранција во моменти кога Европа се соочува со несигурностите проектирани од Америка на Трамп.

Овие напори набрзина и итно ги спроведуваат шест земји, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Полска и Шпанија, односно, најголемите и најмоќните земји во Унијата и Европа, кои сега треба да пронајдат политичка кохезија која е неопходна за споделување на економските и стратешките напори со цел да се гарантира сигурноста и безбедноста долж источните граници на Унијата. Германија силно и одлучно, како лидер на Унијата го започна својот дел од задачата, сега е трка со времето, тоа да го направат и останатите.

Поврзани содржини