ГЕРМАНЦИТЕ ЛУТИ ПОРАДИ ГОРИВАТА Колку треба да работат за литар бензин?

И покрај растот на цените поради кризата, просечниот работник во Германија заработува за литар бензин побрзо отколку во претходните децении.

73

Германските возачи се револтирани поради наглото поскапување на горивата од почетокот на војната во Иран, но и покрај актуелната криза, за еден литар бензин во моментов работат пократко отколку во претходните периоди, покажува пресметка на Институт за германска економија, пренесена од Германска новинска агенција.

Според анализата, просечен работник во Германија заработува за еден литар бензин за четири минути и 53 секунди. Пресметката се темели на просечната нето-плата од 25,56 евра на час и цена од 2,08 евра за литар супер бензин.






Во споредба со претходните кризни периоди, потребното време за заработка било подолго. За време на нафтената криза во 1974 година биле потребни 6,3 минути работа за еден литар, додека по настаните од Арапска пролет во 2011 и 2012 година времето било нешто помалку од шест минути. За време на Руската инвазија на Украина во 2022 година, показателот изнесувал 5,2 минути, пишува „Fenix-magazin“.

Економистот на Институтот, Кристоф Шредер, изјави дека цената на литар бензин се зголемила седум пати од 1960 година.

– Сепак, просечната нето-плата во истиот период пораснала речиси 20 пати – од 1,29 евра на 25,56 евра по час – посочи Шредер.

Според овие податоци, возач во Германија во 1960 година морал да работи околу 14 минути за секој литар бензин, што е речиси три пати подолго отколку денес.

– Растот на приходите значително го надмина растот на цените, па луѓето денес можат да си дозволат повеќе бензин отколку порано – изјави Шредер.

Сепак, предупреди дека ситуацијата може да се промени доколку кризата поврзана со војната во Иран дополнително се продлабочи. Доколку цената на бензинот достигне 2,30 евра за литар, просечниот вработен ќе треба да работи пет минути и 24 секунди за еден литар.

Поврзани содржини