ГЕРАСИМОВСКИ ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ВТОР МАНДАТ Ако го добие, ветува нова зграда за Општината
Советот на Општината и јас како градоначалник сме пример за тоа како треба да функционира локалната самоуправа во државата. Во нашата општина претседателот на Советот доаѓа од различна политичка партија, што е реткост, и заедно одлично соработуваме веќе три и пол години, рече Герасимовски.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски е уверен дека повторно ќе ја добие довербата од жителите на општината, благодарение на сработеното, како и поради бројните планови кои ги има за доброто на граѓаните.
На денешниот брифинг со новинарите, Герасимовски истакна дека во текот на својот мандат, општината ја водел транспарентно и отворено, со постојана достапност кон граѓаните.
– Советот на Општината и јас како градоначалник сме пример за тоа како треба да функционира локалната самоуправа во државата. Во нашата општина претседателот на Советот доаѓа од различна политичка партија, што е реткост, и заедно одлично соработуваме веќе три и пол години. Сите предлози од различните советнички групи, без оглед на партиската припадност, се разгледуваат и се прифаќаат кога се во интерес на граѓаните и кога постои финансиска поддршка. Тоа што е корисно и издржано, секогаш го поддржуваме и јас и советниците – рече Герасимовски, потенцирајќи дека политиката е целосно одвоена од секојдневното работење на општината.
Токму затоа, смета тој, е оправдана намерата да се кандидира за втор мандат како градоначалник.
Герасимовски најави нова општинска зграда ако добие втор мандат
Градоначалникот на Општина Центар рече дека недозволиво е администрацијата да функционира во лоши услови како што е сега. Општината веќе го добила земјиштето во владение, на конкурсот биле доставени одлични идејни решенија, а во моментов се подготвува проектна документација со која ќе се аплицира на јавните повици на Владата за финансирање на новата зграда.
– Особено внимание ќе посветиме на зеленилото кое се наоѓа на парцелата на општината, бидејќи сакаме да го зачуваме и унапредиме просторот. До крајот на овој мандат сакам да го завршиме проектот, за да бидеме подготвени да аплицираме и за изградба на подземно паркирање, како и да ги искористиме сите достапни средства од државните фондови – објасни градоначалникот.
Тој истакна дека ако добие уште еден мандат ќе започне со изградба на нова, современа општинска зграда.
– Новата зграда нема да биде повисока од околните објекти во Центар, односно нема да има повеќе од четири до пет ката. Обезбедуваме доволно простор за подземен паркинг, ќе има сала за заседавања на Советот, а планираме да обезбедиме и посебно катче за работа на невладините организации кои активно делуваат во општината – додаде Герасимовски.
„Се гледаме во маало“ – Општина Центар стартува караван за подобра комуникација со граѓаните
Герасимовски го најави стартот на караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“, кој ќе се одвива во периодот од 6 јуни до 4 јули. Овој проект има за цел да ги приближи локалните власти до граѓаните, да ги информира за досегашните реализирани проекти и да ги поттикне да дадат свои предлози за унапредување на општината.
– Караванот почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра, каде што заедно со општинските служби ќе ги слушаме сите предлози, сугестии и идеи од граѓаните. Ова е можност да ги креираме идните политики и да ги реализираме во соработка со центарци – изјави Герасимовски.
Општината го промовираше новиот „Зелен катастар“ – дигитална платформа базирана на ГИС (Географски информациски систем) технологија која ја овозможува целосната транспарентност во однос на состојбата на зеленилото во општината.
– Зелениот катастар е една од нашите најголеми иновации во делот на заштитата и унапредувањето на животната средина во Центар. Со оваа платформа, граѓаните можат да имаат увид во мапата на зелените површини и во деталите за околу 10.000 дрвја кои досега се евидентирани, вклучувајќи вид, локација и состојба на секое дрво. Можам да кажам од досегашните податоци имаме околу 8.000 лисопадни дрвја и 2.000 зимзелени. Граѓаните во секој момент може да погледнат за секое дрво какво е, колку е старо и има и фотографија. Секое исечено или ново насадено дрво ќе биде внесено во Зелениот катастар на општината. Се стремиме оваа бројка да ја зголемиме и со целосно мапирање на сите дрвја во општината, што ќе помогне во планирањето и грижата за зелените површини – објасни првиот човек на Центар.
Караванот ќе посети повеќе населби, јавни простори и паркови низ општината, според следниот распоред:
6 јуни (18:30-20:00) – Капиштец, Зебра парк
11 јуни (18:30-20:00) – Дебар маало, кај клупата „Горан Стефановски“
12 јуни (18:30-20:00) – Пролет, игралиште
13 јуни (18:30-20:00) – Индијанско маало, паркинг кај Мистер Џек
14 јуни (10:30-12:00) – Зелено пазарче
15 јуни (10:00-11:30) – Средно Водно, паркинг
23 јуни (18:00-20:00) – Парк Капиштец, спортско игралиште
24 јуни (18:30-20:00) – Песталоци, двор
25 јуни (18:30-20:00) – Ул. 50 дивизија, игралиште
26 јуни (18:30-20:00) – Градски ѕид (Ескимo пролаз)
27 јуни (18:30-20:00) – НБРМ, плочник Маџир маало
28 јуни (10:00-11:30) – Пазарче Буњаковец
29 јуни (10:00-12:00) – Градски парк
30 јуни (18:30-20:00) – Водно, кош Тинекс
1 јули (18:30-20:00) – Пајко маало, филхармонија
2 јули (18:30-20:00) – Кеј 13 Ноември, кај кафичите
4 јули (13:45-15:00) – Крњево
5 јули (18:30-20:00) – Кале
– Ова е повик до сите жители на Општина Центар активно да учествуваат, да се вклучат во јавните дискусии и да ги споделат своите визии за поубаво и поздраво живеење во нивните маала – додаде градоначалникот.
Реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ ќе заврши до октомври
Реконструкцијата на спортската сала „Работнички“, која започна во јануари, се одвива според планот и се очекува да заврши до октомври годинава.
– Работите на салата се во полн ек и течат добро. Со службите и лично ги следиме сите активности. Ако се испочитуваат роковите и финансиските обврски, салата ќе биде отворена до октомври – рече Герасимовски.
Реконструкцијата се финансира од државниот буџет, со 30 милиони денари одобрени во декември 2023 и дополнителни 1,5 милиони евра оваа година. Проектот вклучува нов покрив, фасада, проширен терен, нова подлога, подно греење, климатизација, модерно осветлување и поставување на 891 седиште. Салата се обновува по 50 години.