ГЕНЕРАЛОТ ЈА ПРЕДВОДИ, А ПОЗНАТИ ИМИЊА ГО СЛЕДАТ Откриени имињата на носителите на листи на ЗНАМ во Скопје

Во Скопје, меѓу носителите на листи се најдоа познати имиња од спортот, медицината, правото и стопанството. Во Аеродром ќе ја предводи листата Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, додека во Центар носител е м-р Крумислав Мишко Барзов, магистер по спортски менаџмент и автомобилски експерт.

1,933

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска на прес-конференција ги претстави носителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и во Градот Скопје. Најголемото внимание го привлече одлуката генерал Горанчо Котевски, поранешен началник на Генералштабот на АРМ, да ја предводи советничката листа во главниот град.

Портпаролот на движењето, Никола Мемов, истакна дека изборот на носители на листи е резултат на месеци работа и доверба изградена со граѓаните.






– Зад нас се месеци исполнети со посветена работа на терен, во кои илјадници граѓани ни ја доверија својата визија за подобар живот во своите општини – рече Мемов.

Тој објави дека ЗНАМ ќе настапи со свои листи во 53 општини, плус Градот Скопје.

– Оваа бројка е доказ дека ЗНАМ е најбрзо растечкото движење во Македонија. Нашата визија за чесна и посветена политика ја обедини енергијата на граѓаните од целата држава – додаде Мемов.

Во Скопје, меѓу носителите на листи се најдоа познати имиња од спортот, медицината, правото и стопанството. Во Аеродром ќе ја предводи листата Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, додека во Центар носител е м-р Крумислав Мишко Барзов, магистер по спортски менаџмент и автомобилски експерт.

Во Карпош носител е проф. д-р Јасмин Циривири, врвен хирург ортопед од ГОБ „8 Септември“, во Бутел – кошаркарот Ѓорги Станко Чековски, а во Ѓорче Петров – Тони Симиќ, легендарниот центар на македонската кошаркарска репрезентација. Носителот во Гази Баба е поранешниот полициски началник и економист Зоран Доневски, во Кисела Вода е стопанственикот Сашо Петровски, а во Чаир е адвокатот Николче Наумов.

За градот Скопје, Мемов го претстави генерал Горанчо Котевски како носител.

– Човек кој целиот свој живот го посвети на одбраната и безбедноста на државата. Денес, тој ја носи визијата за развој на нашиот главен град – срцето на Македонија – нагласи портпаролот на ЗНАМ.

На градската листа се најдоа и професори и јавни личности како проф. д-р Билјана Андреска Богданоска, актуелен ректор на Европски универзитет, проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, урбаниот претприемач Мире Јанев – Миро Плеј, но и спортски легенди како Марин Докузовски.

– Тоа е нашата најголема гаранција дека ветувањата ќе станат дела, дека ќе изградиме поуредени општини и подобар квалитет на живот за сите – порача Мемов.

Поврзани содржини