ГДУ: 30 дена колективен одмор за конфекциите додека не е доцна!

445

Граѓанско демократска унија (ГДУ) апелира веднаш да се затворат сите производствени капацитети особено конфекциите и на работниците да им се даде 30-дневен колективен одмор.

„На вчерашната прес-конференција, Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје-Прилеп, изјави дека 59-годишна жена вработена во текстилна фабрика, во која работат уште 200 други работници е позитивна на вирусот ковид-19. Исто така, директорката изјави дека текстилната фабриката е целосно затворена и дека работниците се наоѓаат во самоизолација“, се наведува во соопштението од ГДУ.






Партијата потсети дека на 22 март апелирала преку соопштение да се затворат конфекциите и другите производствени капацитети каде е невозможно да се реорганизира процесот на производство и да се почитуваат мерките за безбедност и работниците да се пуштат на 30-дневен колективен одмор. Сето ова со цел да се спречи ширењето на вирусот, имајќи предвид дека во производствените хали работат многу луѓе без да имаат безбедна дистанца еден помеѓу друг и исто така соодветна опрема за заштита. Тука секако доаѓа и фактот дека истите тие луѓе користат заеднички транспорт а тоа може да предизвика дополнителна опасност од ширење на вирусот.

ГДУ очекува ова да биде дел од вонредните мерки донесени од Владата во договор со сопствениците на компаниите и доколку има прекршување на овој договор да следат строги казнени мерки. Се работи за животот, здравјето и безбедноста на илјадници работници како и на нивните семејства. Колку побрзо ќе се донесе мерката за колективен одмор, толку поголема е веројатноста да се спречи наглото ширење на вирусот, нагласуваат од ГДУ.

 

Поврзани содржини