Газели, антилопи, зебри и жирафи некогаш галопирале низ Тиквешко

о е досега откопано од овој крај говори дека во најлозаро-винарски регион на државата некогаш живееле предци на животни кои се денес карактеристика на Африка, вели Билјана Гаревска, магистер по палеонтологија за МИА.

831

Газели, антилопи, зебри, жирафи, егзотични животни галопирале низ Тиквешко во минатото. Ова го покажуваат палеонтолошките истражувања за животот од пред милиони години во Неготинско. Екипа од научници открива нови наоѓалишта од кои се вадат фосилни коски, кои сведочат за животот некогаш. МИА деновиве беше на терен и поразговара со стручните лица од природонаучните музеи од Скопје и Софија, кои внимателно и со многу љубов истражуваа над селото Долни Дисан.

Тука живееле претци на денешните Африкански слонови и носорози






Откако пред повеќе години во Неготинско биле пронајдени кљови или бивници од слон што пред милиони години живеел во Тиквешко, а се засега најголеми во Европа, а пред четири години беа колекционирани фосилни фрагменти од коњи со три прсти и козорог, во текот на септември годинава кај Долни Дисан беа откопани млечни заби од младо животно слон и други интересни пронајдоци.

 

– Се што е досега откопано од овој крај говори дека во најлозаро-винарски регион на државата некогаш живееле предци на животни кои се денес карактеристика на Африка. Се очекува и овие пронајдоци да бидат дел од идна специјална палеонтолошка поставка во рамките на неготинскиот музеј, со што на туристите кои го посетуваат регионот, освен вински туризам и археологија, историја и етнологија, ќе им се понуди и биологија. Би било тоа голема атракција за туристите бидејќи во светот постои интерес за ваков вид  туризам и посета на музеи со палеонтолошки поставки. Дека подрачјето е интересно и недоистражено, докажува и фактот што веќе неколку години влегува во годишните програми за истражување на Природонаучниот музеј од Скопје – рече Билјана Гаревска, магистер по палеонтологија, вработена во Музејот. Таа е раководител на проектот поддржан од Министерството за култура.

Гаревска потсети дека станува збор за миоценска фауна која е стара милиони години.

– Се нарекува пикермиска фауна, живеела во минатото кога тука имало езерски басени и степска фауна, саванска фауна која денес е автентична за Африка. Станува збор за носорози, слонови, жирафи, доста богата фауна. Тоа значи дека овде некогаш живееле тие праисториски видови  животни. Станува збор за предци на денешните слонови, кои живеат во Африка, Азија и предци на денешните носорози –  нагласи таа.

Материјалот традиционално има детална детерминација по што се публикува. Климатските промени го земаат данокот Преку една палеонтолошка поставка во неготинскиот музеј во иднина, посетителите ќе се запознаваат со тоа каква била еволуцијата и како настанувале промените на ова тло.

– Оваа фауна е всушност доказ дека копното со Афика било споено и дека фауната без никаков проблем функционирала тука. Меѓутоа, поради климатски услови и поради одвојување на копната фауната тука изумрела а се уште живее на африканското копно – нагласува Гаревска.

 

Фауната која се ископува е многу постара од еволуцијата на човекот, така што досега не се пронајдени никакви човечки артефакти.

– Оваа фауна што ја ископуваме единствено ни покажува каква била климата во минатото. Имало савански живот. Постоеле скопски, тиквешки, велешки езерски басен, а животот најмногу се разивал покрај вода. Остатоците обично секогаш ги наоѓаме на онаа како што велиме, прва речна тераса, таму изумирале. Хипотезата која што е за изумирањето на овие видови, е дека поради неповолни климатски услови и недостаток на храна, но и можни пожари, барајќи го спасот кон водата, тие се давеле. Или можеби поплави. Затоа најчесто овие животни ги наоѓаме покрај поранешните водни басени – категорична е палеонтологот.

Пронајдени остатоци од младо слонче бебе

Со многу љубов и трпение, копаат полека со разни алати меѓу кои копачи, чекани и што ли уште не. Па со мало четкиче подзаметуваа, за да откријат со многу возбуда и исчекување, што тоа се крие под слоевите земја на ритчето.

 

– Тука има една голема ризница на фосили. Од истата причина произлегува и нашата голема заинтересираност за локалитетот, како и заинтересираноста на нашите колеги палеонтолози од Природонаучниот музеј од Софија. Ние постојано откриваме видови кои веќе и ги знаеме. Меѓутоа вообичаено има и нови видови кои треба и дополнително да се детерминираат. Предизвикот е голем од причина што претходно најдовме фрагменти од еден вид кој не е нов за светската наука, но е нов за македонската наука, специфичен по својата градба на бивните на долната вилица. Тука предизвикот станува поголем, бидејќи на еден ист локалитет се наоѓаат повеќе различни видови  фосилни слонови – рече Гаревска.

Поради нивното постоење, додаде, може да се одреди и староста на локалитетот.

– Најново во моментов е фосилен мастодонт јувениле, младо слонче, затоа го нарековме бебе, светска реткост – нагласи таа.

Очекува и нови материјали од нови видови во иднина. Тоа е, рече, целта.- Тука е многу интересно. Голема е провокацијата да се најде поголема колекција на тие примати кои тука живееле, многу е мал тој колекциониран материјал. Голема провокација за секој палеонтолог да пронајде уште, но и нешто ново, секако, признава таа.

 

 

Поврзани содржини