ГАЗДИ, ДАВАЈТЕ К-15, ДА НЕ ФРЧАТ ТУЖБИ И КАЗНИ! Синдикатите ги предупредуваат работодавачите да не манипулираат со регресот за годишен одмор
Сојузот на синдикатите вели дека во првата половина од годинава повеќе од 4.400 работници се пожалиле дека им е прекршено правото да земат К-15, а до крајот на годината се очекуваат и нови поплаки. Некои газди исплаќаат понижувачки регреси од 100 денари, а некои воопшто не плаќаат.
Кој не дава К-15 може и во затвор да заврши: На месец и половина до крајниот рок за исплата на регресот за годишен одмор, поголемиот дел од работниците не го добиле, а дел од нив се соочиле и со веќе востановената практика да им бидат исплатени по 100 денари за К-15, или да им се бара износот да го вратат во целост или дел.
За ваквото однесување на работодавачите се предвидени и затворски казни од 3 месеци до 1 година, но тоа веројатно не ги плаши. Досега, според податоци на синдикатите, инспекторатот за труд изрекол 188 казни за неправилности при исплата на К-15.
Од Сојузот на синдикатите (ССМ) посочуваат дека во првата половина од годинава повеќе од 4.400 работници се пожалиле дека им е прекршено правото да земат К-15, а до крајот на годината се очекуваат и нови поплаки. Но, дури во следната година ќе се знае конкретно кои компании и колкав износ исплатиле за регрес.
Кај другите синдикални здруженија, поплаките се очекуваат на крајот на годината, кога и последниот рок ќе биде пробиен.
Малверзации има, како и секогаш: Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека моментално не располагаат со податоци колку од работниците во јавниот и приватниот сектор кои се синдикално здружени кај нив, зеле К-15. Но, проблеми во исплатата има како и секогаш.
– Рокот на исплата на оваа обврска за работодавачите тече и се надеваме дека нема да има жалби од работниците за неисплатен регрес. Кај нас обично работниците чекаат до крајниот рок да ги добијат парите, па дури потоа се жалат. При крајот на декември ќе видиме каква е состојбата. Сега и во јавниот сектор некаде има исплатен регрес, а некаде нема– вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.
За малверзации со исплатата на регресот и во текот на оваа работна година информираат и другите здруженија кои ги штитат правата на работниците.
Според нив, работодавачите одат до таму што наместо целиот износ определен по закон, на работниците им се даваат понижувачки износи и од 100 денари, со цел да се покрие законската обврска дека исплатиле К-15. Оваа појава е актуелна во текстилниот сектор, во кој нема синдикални организации. Но, истото се случува и во фирми од други сектори.
Дел од работодавачите не исплаќаат регрес за годишен одмор, со образложение дека имаат загуби во работењето. Со колективните договори им е овозможено под одредени услови да исплатат помал К-15 или дури и воопшто да не исплатат.
Синдикатите во борба за регрес: Од Синдикатот на текстилците во ССМ, каде што членуваат 2.000 раобтници од текстилниот и од кожарскиот сектор, велат дека досега 70 отсто од големите текстилни компании исплатиле цел износ на К-15.
– Во уште 2 до 3 компании се преговара да се исплати целиот износ и очекуваме да биде исплатен. За останатите 36.000 работници во овој сектор кои не се наши членови, немаме информација дали и на каков начин се исплаќа регресот – вели Љупчо Радевски, претседател на Синдикатот за текстил и кожарство.
Дека има законски неправилности во давањето на К-15 потврдуваат и податоците на синдикатот, според кои во 467 инспекциски надзори, инспекторатот за труд констатирал вкупно 188 неправилности, за кои се донесени решенија.
Синдикатите предупредуваат дека законскиот износ на К-15 за работодавачите во приватниот сектор и за дел од јавниот е 31 декември. По овој рок следат пријави и тужби.
– Работниците кои работеле најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач имаат право на регрес за годишен одмор. Тој се исплаќа еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавачите. Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата – појаснуваат од ССМ.
Како е во јавниот сектор: Според пресметките, до крајот на годината на работниците треба да им се исплати износ од 12.740 денари регрес за годишен одмор, кој се добива од просекот на плата за последните 3 месеци и законскиот минимален процент од 40 отсто од овој просек. Но, работодавачите можат да исплатат и повисок износ на К-15.
Во јавниот сектор, велат од ССМ, исплатен е регрес за годишен одмор во судовите и во дел од јавните обвинителства.
– Само над 1.000 вработени од јавниот сектор добија регрес за годишен одмор. Во тек се постапки пред судовите за исплата на регрес за вработени од јавниот сектор каде што ова право работниците не го остварија на доброволна основа. Добиени се и првите пресуди во корист на работниците – велат од ССМ.
КОЈ ИМА ПРАВО НА К-15 И КАКО СЕ УТВРДУВА ИЗНОСОТ
Законот за работни односи предвидува право на регрес за годишен одмор за сите вработени лица кои имаат остварено најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај работодавецот во тековната година, без разлика дали вработениот е пријавен во компанијата на неопределено или определено време.
Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење на годишен одмор на работникот.
Доколку работникот е пријавен на пола работно време (20 часа неделно), му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор (член 48, став 4 од Законот за работни односи) и исплата на половина износ од утврдениот регрес.
Во случај кога работникот е пријавен на цело работно време (40 часа неделно), му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, односно најмногу 26 работни дена (член 137, став 1 и став 2) и исплата на целиот износ за регрес.
Регресот за годишен одмор се исплаќа до крајот на работната година (31.12), а неговиот минимален износ треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата по вработен исплатена во последните три месеци.
За работодавците кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. За работодавачите кои од работниците ќе побараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од 3 месеци до една година.