ГАШИ ОСТРО ГИ ОСУДИ ЗАКАНИТЕ КОН ПРАТЕНИЦИ НА ДУИ „Испраќачот ќе биде фатен и соодветно санкциониран“
Претседателот на Собранието најостро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство. Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, остро ги осуди заканите упатени кон пратеници на ДУИ преку електронски пораки.
„Претседателот на Собранието, Африм Гаши, извести дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач. Вознемирен од овие пораки, претседателот Гаши веќе се обратил до колегите од ДУИ и до надлежните институции да го истражат инцидентот.
Претседателот на Собранието најостро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство. Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран.
Во демократско општество нема место за закани, ниту за вознемирување во која било форма. Оттука, претседателот Гаши ги повикува и ги охрабрува сите надлежни институции веднаш да постапат во овој случај. Претседателот Гаши нагласува дека сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства. Во моментот кога институциите ќе достават каква било информација за предметниот случај, медиумите ќе бидат веднаш известени од страна на Кабинетот на претседателот“, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.