Гарванлиев: Не се извинувам за тоа што сум јас, но ако сум повредил некого, нека ми прости (ВИДЕО)
Гарванлиев вели дека поради критика за ланскиот спот, решил годинава во спотот да прикаже дела од повеќе македонски уметници, поради што се снимало во оваа галерија.
Македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев денеска се извини ако повредил некого со спотот за песната, но додаде дека не се извинува за тоа што тој е. Гарванлиев објави видео снимка на својот профил на Фејсбук преку која се обрати до јавноста по бројните реакции што ги предизвика уметничка инсталација во спотот за песната „Here I stand“ и поради неговата изјава дека поседува бугарски пасош.
– Во 1997 година мојата фамилија одлучи да се преселиме заедно во Чикаго, каде што живеевме неколку години. Нѐ депортираа од Чикаго и кога се вративме јас бев малолетен, фамилијата одлучи да направи неколку чекори за безбедност и за иднина на сите нас. Мојата баба, мајка на татко ми е родена во село надвор од Петрич, што ни овоозможи да добиеме бугарски пасоши, кој го имам веќе дваесетина години – рече Гарванлиев.
Тој вели дека во Македонија е дозволено двојно државјанство, дека живеел 10 години во Торонто, 8 во Чикаго, по една во Милано и во Лондон, а застанал на светските сцени во Париз, Амстердам, Цирих, Њујорк, Чикаго, Торонто…
– Честа да пееш на олимпијадата за пеење Евровизија е огромна, ја прифатив со отворено срце, зашто знам каква е таа одговорност и знам што можам и со душа чекам да застанам на таа сцена и искрено да вибрирам во црвено жолта боја. Интервјуто кое циркулира викендов е изјавено пред година дена дури и повеќе. Во музиката нема политика, нема раса, нема боја, има љубов има човештво, има енергија – вели претставникот на Евровизија.
Тој додава дека го сменил кадарот од спотот откако во јавноста било разбрано дека се промовира знамето на Бугарија преку едно уметничко дело изложено во Даутпашиниот амам. Гарванлиев вели дека поради критика за ланскиот спот, решил годинава во спотот да прикаже дела од повеќе македонски уметници, поради што се снимало во оваа галерија.
– Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно, многу случајно, јас се извинувам од сѐ срце, не се извинувам за тоа што сум јас, но ако имам повредено некого, кој и да си, прости ми. За крај ве оставам со превод на рефренот на нашата македонска песна годинава „Сите ќе пробаат да те скршат и соборат, без да знаат дека тоа те прави посилен да продолжиш по патот на успехот. Еве ме пред вас без глума со срушени ѕидови а моето срце во вашите раце“ – рече Гарванлиев.