Фугу или отровен политички сендвич

Власта ќе мора бргу да одлучи што понатаму со фугу-сендвичот сервиран на нејзината дневна чинија – ќе биде за понатамошна „употреба“ или само како историски украс – зашто сега почнува фазата на убедување дека тој всушност и не е така убиствен, дека страотно лошине провинциски готвачи и локалниве навивачи знаат што прават итн. Знаат ли навистина? Не знаеме. А треба да знаеме.

1,180

Некој сепак ќе мора да загризе во отровниот политички сендвич што го подготвуваат ужасно лоши готвачи од „форматот“ на Гаши и двоецот Борисов/Петков. Неговите состојки се замислени да делуваат и во миг но и продолжено, при што тој кој ќе го проголта или ќе биде на место мртов или – малку подоцна. Згора на тоа, точно се знае кој мора да го загризе, нели? Јас не би, никако.

Но, чудна е оваа (дали континуирана?) кулинарска соработка на источните „шефови“ со некои овдешни, локални готвачи, особено во поглед на македонскиот евроинтегративен пат односно дека „секое заостанување на тој пат не е добро“, како што „забиберува“ Гаши. И оваа политичка „мирудија“ не е воопшто различна од онаа на другите двајца спомнати „шефови“ од Бугарија кои „засолуваат“ дека „Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен.“ Оттука и отровноста на сендвичот, со локални и „добрососедски“ мирудии, со брзо или продолжено дејство!






Нема дилеми кој од македонската политичка сцена мораше да одлучи дали ќе го проба сервираниот сендвич. Се чини одлучи да не го „пробува“ зашто тоа ќе беше со предвидлив резултат на кратки или долги патеки, односно со брза или подоцнежна, но сепак извесна смрт. Иако има(ше) навивачи за другата опција. Но, овој сендвич е само уште еден отров плус на менито на македонските евроинтеграции, нешто слично на онаа јапонска риба фугу којашто содржи таков силен невротоксин што ве парализира и убива! Ние де факто сме веќе парализирани од локалните политикантски и соседни „шефови“, останува само да видиме кој ќе нè убие!

Но, власта ќе мора бргу да одлучи што понатаму со фугу-сендвичот сервиран на нејзината дневна чинија – ќе биде за понатамошна „употреба“ или само како историски украс – зашто сега почнува фазата на убедување дека тој всушност и не е така убиствен, дека страотно лошине провинциски готвачи и локалниве навивачи знаат што прават итн. Знаат ли навистина? Не знаеме. А треба да знаеме.

А не знаеме бидејќи никој – барем јавно – во државава не се занимава со сериозни, компетентни историски и политички анализи коишто потоа би дале некои и некакви насоки на граѓанинот за прифаќањето на соодветениот одговор на ваквите отровни предизвици. Или, ако сакате, ние – а тука во прв ред мислам на македонската јавност – немаме таква анализа којашто отворено, колку што може, ќе ни ги предочи сите pro et contra дилеми за загризување на ваквиот сендвич. А македонскиот граѓанин, во крајна инстанца, е одлучувачкиот фактор за тоа, нели. Или грешам?!

Иако, ако сакате, уште од онаа 1992 година и експересното признавање на (тогашна) Република Македонија од страна на Бугарија, но, со притаена „клаузула“ дека тоа баш и не важи и за македонскиот идентитет и јазик, ние званично не знаеме што тоа значи. Или „клаузулата“ се појави подоцна? И зошто? Но, сеедно, важно е како, и зошто, се случи „ненадејниот“ историски пресврт, дали само со добронамерноста на еден голем демократ како Желев и неговиот анимозитет кон неправдата, воопшто, а особено кон агресивноста и арогантноста, комбинирана со простотија, на тогашната (и сегашна) бугарска политика? Но, едновремено, како и зошто после него сè повторно си дојде на старото место? Предупреди ли некого Желев, му дошепна ли на Глигоров – или на неговиот „министер“ за надворешни! – што и како понатаму да очекуваат со развојот на „македонското прашање“ во Бугарија? Или не, ама ни на овие не им текна да го прашаат?

Сакам да кажам: речиси од самиот (нов) почеток на „источниот проблем“ (со идентитетот, јазикот, културата, потоа и со ветото) македонскиот граѓанин немаше прилика да чуе/види компетентна студија за и околу „проблемот“, за причините за неговото повторно појавување, за актуелниот можен след на настани доколку се продолжи со линијата на „француската рамка“ и протоколите, со „преиспитувањето“ на историјата и уставните измени… итн. Најшироката јавност во Македонија нема сознанија за можните варијации на пресијата на источниот сосед, тоест што би се случувало во блиска иднина (не само) на политички план со вклучувањето на оние 5-6 или 10-20 Бугари во македонскиот Устав и зошто Бугарија инсистира баш на тоа прашање… итн.

И што, по ѓаволите, ќе значи консумирањето на оној отровен фугу-сендвич?

Едновремено, таа студија, на пример, ќе мора(ше) да одговори зошто во Бугарија од 1950-тите години на минатиот век систематски се брише македонското население, а сега кај нас треба да се појави – бугарско? Има ли актуелната македонска политика објаснување за ова? Или, поточно, ако во Бугарија, според пописите, од 1956 до 1975 година „се загубиле“ преку 187.000 Македонци, како сега, по 1990 година, во Македонија одеднаш се појавуваат – дваесетина, или сто, Бугари кои треба да се запишат дури и во Уставот?

Сето тоа, пред сè друго, требаше да го направат оние „прогресивни“ шупелки уште во времето на потпишувањето на ступидниот Договор со Бугарија, а особено тоа беше работа токму на „хирургот забеган во дипломатија”, но не на неговите „крвни зрнца“ туку на сивите ќелии! Ако ги има. И, првенствено, се разбира, тоа беше должност на водачот на таа „прогресивна“ секта кој го потпиша тој Договор и неговиот вицепремиер за евроинтеграции. Знаеа ли тие игноранти во што воопшто влетуваат? Но, неспособноста и неукоста на таа тројка е веќе епохална, иако сѐ уште славена од некои токмаци-статисти во европскиот филм на државава.

Згора на сѐ, некако неочекувано, во јавноста остана целосно премолчена/недопрена „таинствената“ порака на историкантот Ангел Димитров за неостварливоста, односно, неспоивоста на македонските ставови со „политичката и демографската реалност“. Па следствено: како никого не го интересира кои се и какви се тие „реалности“, па и кои би биле нашите одговори на истите? И можно ли е таа нова „политичка и демографска реалност“ во Македонија да ја знаат само тој и газдата му Радев – можеби и оној Борисов – ама не сакаат отворено да ни ја кажат. Или мислат дека ние ќе ги прашаме? Е па, македончето не прашува, не сака да знае, оние силни „мудреци“ низ етерот се занимаваат со други „длабокоумни“ прашања од форматот на Снопче и неговото излегување од Владата, небаре доаѓа крај на светот. Или „дебатираат“, сосе „економистката“ Лукаревска, за оној еден денар – го имало или го немало! – намалување на цените на некои прехрамбени производи, но и за некаква „калимера“ или за глупави паралели со неизговореното име на државата од страна на претседателката и немањето знаме на таа „безимена држава“ при средбата во Софија.

Ама Димитров, изгледа, не го есапат сериозно? Или се плашат да го „есапат“, не знаат каков ѓавол ќе излезе од неговите зборови? Што не е исклучено, ако навреме соодветно не се анализираат зборовите на другата страна. Но, тоа не го прават ни политичкиот „експерт“ Филипче, уште помалку албанскиот политички кампус, а најмалку спомнатата групација хумористични „мудреци“ кои сакаат да се нарекуваат политички аналитичари, ама главно за теми како ланскиот снег или за некакви македонски неизмиени и неиспеглани „одела“ и слични „патрдии“.

„Експертот“ Филипче дели хируршки „лекции“ за сопственоста над државата „заборавајќи“ дека токму неговиот ментор-тезгарош целосно ја приватизираше потпишувајќи го оној ступиден Договор за добрососедство, а згора на тоа „заборава“ дека и неговата секта ја потпиша т.н. Резолуција за црвените линии, што пак ќе рече дека „условите што треба да се исполнат за членството во ЕУ“ се директно спротивни на истата. И дали и г-динот Гаши смета дека таа Резолуција не го тангира него само заради фактот што тој не ја гласал?

Историски одлуки за загризување во онаков страотно отровен фугу-сендвич не се носат прекутрупа или во кафеана, под влијание на онаа клиентелистичка булумента. Ако не се резултат на сериозни анализи за сите можни последици, тогаш тие се само небулозни, неуки и во суштина незрели лично-групни самоволија, етнофрустрации и амбиции и чисто политикантство. Со крајно контрапродуктивни, а често и „смртоносни“ последици!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини