ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛ ВО ДАЛАС Франција и Шпанија вечерва играат за место во финалето

Вечерва од 21 часот во Далас се игра првото полуфинале на Светското првенство, а Франција и Шпанија ќе се борат за место во големото финале што ќе се игра в недела во Њу Џерси.

0

Разврската за светската титула почнува вечерва со вистински фудбалски спектакл. Во првото полуфинале на Светското првенство, Франција и Шпанија ќе ги одмерат силите во Далас, а победникот ќе обезбеди место во големото финале.

Франција, актуелен светски вицешампион и двократен светски првак, ќе се обиде да избори пласман во своето петто мундијалско финале. „Триколорите“ светската титула ја освојуваа во 1998 година против Бразил и во 2018 година против Хрватска.






Од другата страна е европскиот шампион Шпанија, која досега има една светска титула. „Црвената фурија“ единственото мундијалско финале го одигра и го освои во 2010 година, кога по продолженија ја совлада Холандија.

Историјата покажува дека двете селекции само еднаш се сретнале на Светско првенство. Тоа беше во осминафиналето во 2006 година, кога Франција славеше со 3-1.

Добра вест за Французите е што нивната најголема ѕвезда Килијан Мбапе ќе биде подготвен за настап. Селекторот Дидие Дешан потврди дека напаѓачот целосно се опоравил од повредата на зглуждот што ја заработи во четвртфиналето.

– Килијан се чувствува добро, тој е 100 проценти подготвен“, изјави Дешан на прес-конференцијата во Далас.

Мбапе досега има осум голови и три асистенции на турнирот, а заедно со Лионел Меси е прв на листата на стрелци.

Вториот финалист ќе биде познат утревечер, кога во Атланта ќе се соочат бранителот на титулата Аргентина и Англија.

Големото финале на Светското првенство ќе се одигра в недела на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, со почеток во 21 часот по македонско време.

Поврзани содржини