Фрчат осуди за полициската бруталност, ќе има и протести
Од невладината организација „Аваја“ на протест ја повикаа ромската заедница и невладините организации, со цел да не се повторат слики како оние во Битола.
Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ остро го осудува насилството и непрофесионалното однесување на полициските службеници при постапувањето кон Ромите, кои очигледно стануваат пракса на полицијата, наведено е во соопштението.
„Видеото од бруталното постапување на полициските службеници при службена акција во Битола, јасно покажува дека полициската бруталност е присутна во нашето секојдневие. Особено нè вознемирува и загрижува што е насочена кон Ромите. Бараме итна, темелна и брза истрага и од страна на Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство за утврдување на дисциплинска и кривична одговорност. Бараме најстроги казни за сторителите на овој брутален израз на моќ. Институциите мора итно, јасно и недвосмислено да покажат дека сигурноста и безбедноста на секој граѓанин е загарантирана и активно да работат на враќање на довербата во полицијата, но воопшто и во институциите“, се вели во соопштението на ФООМ.
Остра осуда за насилсвото пристигна и од Мрежата за заштита од дискриминација, а во реакцијата се вели дека МВР треба интезивно да работи на расчистување на случајот и да постапи согласно нивните овластувања и надлежности.
„Бараме за целокупниот процес на истрага и за преземените дејствија спрема полициските службеници, јавноста навремено да биде информирана. Практиките на неказнивост на полициските службеници кои го прекршуваат законот се клучна причина за ваквото брутално однесување и злоупотребата на моќ за да се малтретираат и понижуваат припадници на маргинализираните групи. Бараме МВР веднаш да отвори инклузивен процес на измени на Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, како и да донесе подзаконски акти кои ќе го адресираат проблемот на расистичко постапување. Особено загрижува тоа што полициската бруталност врз Ромите е практика, а не исклучок. Пред само три месеци информиравме за бруталното однесување на полицијата кон бездомните Роми кај Железничка станица. Овие случаи говорат за постоење на расистички предрасуди и го потврдуваат самоволното, непрофесионалното и незаконското постапување на полициските службеници. На крај, ја поздравуваме брзата реакција на МВР, но апелираме до МВР да преземе мерки кон спречување на повторување на ваквите настани, бидејќи е очигледно дека расизмот е структурен проблем во полицијата. Полицијата има строго пропишани овластувања и мора да ги почитува, а полициската бруталност претставува однесување казниво согласно Кривичниот закон“, се вели во реакцијата.
Од невладината организација „Аваја“, пак, на протест ја повикаа ромската заедница и невладините организации, со цел да не се повторат слики како оние во Битола.