Францускиот предлог е лош, ама може да се подобри
Актуелниот француски предлог не предвидува брз почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Софиското вето практично останува на сила. Тогаш, чуму ова брзање?
Францускиот предлог за условите под кои Македонија може да ги почне преговорите е лош. Македонската влада не смее да го прифати и мора активно да предложи суштинско подобрување на документот.
Дали е можно францускиот предлог да се подобри, за тој да стане прифатлив за нас? Да, може. Ќе објаснам како.
Но, пред тоа, да утврдиме зошто предлогот на француското претседателство на Европската унија не е добар.
Пред сè, предлогот не предвидува почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Тоа мора отворено и јасно да се каже. Читаме, писмени сме и не сме недоветни. Барем не сите.
Што е тајната на француската „формула“?
Значи, ако владата на Димитар Ковачевски преземе обврска да ја смени Преамбулата на Уставот и ако успее таму да ги запише „граѓаните кои живеат во државата и кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите“, Советот на ЕУ на 23 јуни ќе ја прифати Општата преговарачка рамка и ќе се одржи симболична, или „политичка“ меѓувладина конференција. После неа ќе се одржи и втора меѓувладина конференција, која ќе означи почеток на преговорите, но таа ќе се одржи дури откако ќе биде сменет Уставот.
Со други зборови, француската формула не го симнува бугарското вето.
Напротив, ветото останува и дури и се засилува!
Зошто тврдам дека се засилува?
Затоа што во најважниот дел од преговарачката рамка наречен Фундаменти – без чие усвојување Европската Унија нема да ја прими Македонија – се внесени и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Како што е познато, Договорот со Бугарија ја наметна темата за т.н. заедничка историја, по што Софија ги актуализираше тезите за бугарството на македонската нација до 1945 година. Тоа ги влоши односите меѓу двете земји и сега сме тука каде што сме.
Ако се прифати францускиот предлог, за сите спорни теми, кои директно ги засегаат идентитетот и самобитноста на македонската нација, теми за кои Скопје и Софија спорат повеќе од седум децении, Македонија сега ќе преговара со Европската Унија и со сите нејзини членки. Тоа ќе биде резултатот на внесувањето на Договорот со Бугарија во Преговарачката рамка.
Спорот меѓу Македонија и Бугарија ќе стане мултилатерален, со одлучувачкото влијание на Софија, преку можноста таа да стави вето на каква било одлука во врска со имплементацијата на Договорот за добрососедство.
Полошо од ова, здравје.
Сепак, има и нешто добро во францускиот предлог. И тоа треба да се нагласи.
Добар е начинот на кој се третира т.н. јазичен спор меѓу Скопје и Софија, односно бугарското оспорување на македонскиот јазик. ЕУ ќе го прифати нашиот јазик во службена употреба во Унијата, но ќе и овозможи на Софија со посебна унилатерална декларација да го искаже својот став за македонскиот јазик, а и Скопје ќе добие можност за „реплика“, исто така со унилатерална декларација.
Ми се допаѓа овој методолошки пристап. Тој е идентичен со пристапот што и јас го заговарав во почетокот на март минатата година, кога во Плусинфо скицирав една заедничка декларација на македонската и на бугарската влада. Пристапот во таа моја скица беше токму таков – со унилатерални изјави секоја од двете страни ја објаснува својата позиција за секое спорно прашање, а двете страни ги нотираат изјавите, се обврзуваат во иднина да разговараат за разликите, но тие да не бидат пречка за преговарачкиот процес.
Мислам дека е разумно премиерот Димитар Ковачевски на Французите да им предложи формулата од нивниот предлог што е применета за јазичното прашање, да се примени за сите прашања за кои Софија спори со Скопје. Унилатералната изјава на Софија може да ги адресира сите отворени историски прашања и теми (не само прашањето за јазикот), а во Преговарачката рамка нека се каже дека Бугарија и Македонија ќе продолжат да разговараат и да бараат решенија за целосна имплементацијата на Договорот за добрососедство.
Ова е во духот на методологијата промовирана во францускиот предлог. Оптимист сум дека Париз ќе ја разбере ваквата интервенција.
Освен тоа, мислам дека треба да се каже дека не е фер и не е разумно ЕУ да ја обврзе владата во Скопје во Преамбулата на Уставот да ги запише и Бугарите. Ова од најмалку три причини:
Прво, не знаеме каква формулација на промената ќе ја задоволи Софија, која се изјасни дека сака Бугарите да бидат запишани како „конститутивен народ“. Што значи тоа? Засега, никој не знае.
Второ, без јасни и цврсти гаранции од ЕУ дека со евентуалната промена на Уставот ќе се исцрпат сите други можности Бугарија во иднина со вето да ги блокира преговорите, македонската опозиција нема да гласа за промена на Уставот. А промената на конститутивниот акт е легална ако за неа гласаат најмалку две третини од пратениците во парламентот и легитимна ако ја има поддршката од опозицијата. Претпоставувам дека во такви спорни околности промената на Уставот нема да ја поддржи и претседателот Стево Пендаровски.
И трето, секое „отворање“ на Уставот без јасен план како да се „затвори“, е лош план. Самоубиствен за иницијаторот. Тоа може да создаде нова и многу сериозна конфликтна ситуација во земјата.
Да заклучам.
Пак ќе кажам дека Македонија не треба да го прифати францускиот предлог, со содржина која не нуди реални и одржливи решенија за клучните проблеми од билатералниот спор со Бугарија, туку создава нови проблеми.
Македонија не може да прифати каков било компромис ако не е достоинствен, ако ги остава отворени идентитетските прашања и ако нема итно симнување на бугарската блокада со цврста европска гаранција дека преговорите во иднина нема да бидат блокирани со вето. Да не заборавиме, ова е став што премиерот Димитар Ковачевски го застапуваше буквално до вчера, одговорно придржувајќи се до преговарачката позиција на Македонија консензуално утврдена со резолуција на Собранието.
Во таа насока, францускиот предлог може да се подобри. Време има. Да повторам, актуелниот француски предлог не предвидува брз почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Софиското вето практично останува на сила. Тогаш, чуму ова брзање?