ФРАНЦУСКАТА МОРНАРИЦА ЗАПЛЕНИ 4,25 ТОНА КОКАИН ВО ЈУЖНИОТ ПАЦИФИК Дрогата уништена на море, бродот продолжил да плови

Француските власти посочуваат дека Пацификот сè почесто се користи како транзитна рута за транспорт на кокаин од Латинска Америка кон пазарите во Австралија, Нов Зеланд и Африка.

69

Француската морнарица заплени околу 4,25 тони кокаин за време на операција во Јужниот Пацифик, во близина на водите на Француска Полинезија, соопшти Високата комисија на Француската Република во оваа прекуокеанска територија.

Дрогата била пронајдена на брод што пловел од Централна Америка, а според податоците што ги доставил екипажот, крајната дестинација требало да биде Јужна Африка. За време на контролата биле откриени 174 пакети кокаин, со вкупна тежина од 4.249 килограми.






Операцијата била спроведена врз основа на разузнавачки информации и во соработка меѓу повеќе служби задолжени за поморска безбедност и борба против трговијата со дрога. Француските воени власти наведуваат дека интервенцијата е извршена во согласност со меѓународното поморско право.

Запленетиот кокаин бил уништeн на море, надвор од територијалните води на Француска Полинезија, како и надвор од заштитените морски и еколошки зони, со цел да се избегне какво било влијание врз животната средина.

Во договор со обвинителството во Папете, и по завршувањето на потребните процедури, бродот и неговиот екипаж биле пуштени да го продолжат пловењето, бидејќи товарот не бил наменет за територијата на Француска Полинезија.

Француските власти посочуваат дека Пацификот сè почесто се користи како транзитна рута за транспорт на кокаин од Латинска Америка кон пазарите во Австралија, Нов Зеланд и Африка, што го прави регионот фокус на засилени меѓународни операции против организираниот криминал.

Заплената е оценета како значаен удар врз мрежите за меѓународна трговија со дрога и уште една потврда за зголеменото присуство на безбедносните сили на Франција во Пацификот.

Поврзани содржини