ФРАНЦИЈА НЕМА ДА УЧЕСТВУВА ВО ВОЕНИ ОПЕРАЦИИ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Макрон порача дека може да помогнат кога ситуацијата ќе се стабилизира
Париз не е страна во овој конфликт, порача францускиот претседател Емануел Макрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон категорично ја отфрли можноста за учество на француските сили во воени операции за обезбедување на Ормускиот Теснец во актуелниот контекст на интензивни бомбардирања, нагласувајќи дека Париз не е страна во овој конфликт.
Макрон појасни дека неговата земја нема да биде вклучена во мисии за присилно отворање или ослободување на теснецот сè додека траат активните воени дејствија.
Сепак, тој остави отворена можност за во иднина, кога ситуацијата ќе се стабилизира, Франција да учествува во придружувањето на комерцијални пловни објекти низ оваа стратешки важна точка за светската економија.
Со оваа изјава, францускиот лидер директно ги демантираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно сугерираше дека Париз е склон да му помогне на Вашингтон во деблокирањето на теснината.
Трамп, за време на настан во Белата куќа, навести дека во разговор со Макрон добил сигнали за поддршка, што беше експресно отфрлено со денешното официјално соопштение од Елисејската палата. Подоцна, пак, Трамп објави дека на САД не им е потребна воена помош од никого.