ФРАНЦИЈА ИСПРАЌА ТЕШКА ВОЕНА ОПРЕМА НА БАЛКАНОТ Во Романија НАТО го зајакнува источното крило
Испораката на тенковите Леклерк и идното распоредување на авионите Рафал е дел од напорите за зајакнување на источното крило на Алијансата, кое Франција го презеде по руската инвазија на Украина.
Франција го зајакнува источното крило на НАТО со испраќање тешка воена опрема на Балканот. По пешадијата и најсовремениот систем за противвоздушна одбрана МАМБА, Париз испрати тенкови Леклерк во Романија како дел од мисијата „Орел“, а според најавите многуверојатно ќе следи и ескадрила борбени авиони од типот Рафал, пишува реномираниот портал Балканска безбедносна мрежа.
Како што наведува порталот на неодамнешната вежба на борбената група на НАТО во Романија, првпат се појавија француските тенкови Леклерк. Француските тенкови, заедно со другите возила, артилерија и пешадија на САД, Романија, Полска, Португалија и Франција вежбаа заедничко дејствување со употреба на боева муниција.
Леклерк е гордост на француската индустрија и се смета за еден од најскапите тенкови од западното производство.
Само неколку недели пред тоа, министрите за одбрана на Романија и Франција објавија дека, како дел од воздушната полиција на НАТО, Париз ќе испрати ескадрила борбени авиони Рафал во таа земја.
Испораката на тенковите Леклерк и идното распоредување на авионите Рафал е дел од напорите за зајакнување на источното крило на Алијансата, кое Франција го презеде по руската инвазија на Украина. Ангажманот на Париз во Романија се нарекува мисијата „Орел“ и почна на 28 февруари 2022 година.