Партијата на Села не ја крие намерата, ќе се помакедончат ли 70.000 Косовци пред пописот во април?

Од СДСМ за Плусинфо велат дека имаат големи забелешки на предлогот од Алијанса и Алтернатива за измените на законот за државјанство и дека амандмански ќе интервенираат за да го подобрат понуденото законско решение. Од ДУИ велат дека ќе го поддржат законот, додека, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не успеавме да добиеме став.

6,741

Ќе се напумпа ли бројот на Албанци во Македонија пред претстојниот попис во април догодина е главното прашање откако пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива го поднесоа, а мнозинството во Собранието ја усвои потребата по скратена постапка да се донесат измени и дополнувања на Законот за државјанство, со кој се олеснува постапката токму Косовци да се стекнат со македонско државјанство.

Од СДСМ за Плусинфо велат дека имаат големи забелешки на предлогот од Алијанса и Алтернатива и дека амандмански ќе интервенираат за да го подобрат понуденото законско решение. Од ДУИ велат дека ќе го поддржат законот, додека, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не успеавме да добиеме став. Левица прва бурно реагираше на предложените измени на законот. Според Левица, мнозинството усвоило шовинистички предлог на Алијанса и Алтернава за контроверзни измени на Законот за државјанство по скратена постапка, со кој, на вештачки начин, се овозможува нови 70.000 Косовци да станат државјани на Македонија.






Дел од пратениците од мнозинството со кои раговаравме велат дека нема шанси да помине законот каков што е предложен. Тие стравуваат од меѓуетнички тензии, дека ситуацијата ќе се наелектризира, бидејќи, како што велат, повторно ќе биде дека, еве, Албанците нешто бараат, а Македонците не даваат. Според тие пратеници, постоечкиот Закон за државјанства го регулира прашањето кој и како може да се стекне со македонско државјанство и дека таканаречените „фантоми“ МВР и сега ги решава, но како одделни случаи.

Предлагачот на измените на законот воопшто не крие дека регулирањето на државјанство на лица кои го немаат, а живеат во Македонија, односно Косовци е поради претстојниот попис.

– Се зборува за предлог закон за измени и дополнувања на Законот за државјанство на Република Македонија. Со овој предлог закон ќе се потрудиме да елиминираме недостатоци на постојниот закон и некој проблеми кои се реални во текот на почитувањето на законот. Со предлогот мислам дека ќе придонесеме за процесот на пописот кој треба да се одржи во април 2021 година. Ќе придонесеме за што поквалитативно попишување на сите граѓани на Република Северна Македонија и поквалитатативно планирање и на економските, социјалните и демократските проблеми во државата. Со измените, Законот за државјанство ќе се усогласи и со Уставот оти во 2018 година Уставот претрпе измени. Освен познавање на македонскиот, граѓаните треба да знаат еден од службените јазици во Македонија, што во овој случај се знае дека тоа е албанскиот јазик. Со законот ќе се овозможи на еден голем број граѓани да ги остварат своите права. Граѓаните кои до денот на независноста живееле во Македонија автоматски да се стекнат со државјанство на Република Македонија – вели во изјава дадена во Собранието, пратеникот Елми Азири од Алијансата за Албанците, образложувајќи го предлог-законот.

Од СДСМ потврдија дека ја изгласале само потребата законот да се носи по скратена постапка, но велат дека имаат забелешки.

На текстот на законот имаме сериозни забелешки. Гласавме потреба од скратена постапка, за законот да влезе во процедура и да се дискутира за него, бидејќи е долгогодишен проблем на државата. Секако забелешките и корекциите коишто ќе ги побараме ќе бидат во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми. Решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситуација со решавање на ова прашање да отвориме други. За измените на текстот ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме по пат на амандмани, а целта ќе биде обезбедување поширок консензус – ни изјави Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Според предлог законот, „Со денот на влегување во сила на овој закон лицата државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија можат да поднесат барање за да се стекнат со државјанство по сила на овој закон, со дадена изјава од тројца сведоци кои ќе сведочат дека поднесителот за добивање на државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година или со дадена изјава од сведок кој во тој период бил жител или се уште е жител во местото во кое живеело лицето“.

Пратеникот на ДС, Павле Трајанов, како што веќе изјави за Плусинфо, симптоматичен е предлогот за доказ дека до 8 септември 1991 година живееле (имале постојан престој) во Македонија, покрај другото да може да се докаже и со двајца сведоци.

– Се работи за законска материја која е регулирана и со меѓународни конвенции, сите држави имат ригиден пристап при признавање на статус на државјанин на одредена држава, при што секаде се бараат идентични услови кои мораат да се исполнат – вели Трајанов.

Тој смета дека ваков закон, прво треба да се носи во редовна постапка, потоа треба детална анализа од страна на Владата и да има јавна расправа.

– Треба да се проценат ефектите од една таква операција и што е најважно дали навистина има 70.000 граѓани кои се без државјанство, а кои пред осми септември 1991 година прстојувале најмалку 8 години во Македонија и сл. Во законот има и други решенија кои  се спротивни на меѓународните стандарди, да се стекнува со двојно државјанство итн – вели Трајанов.

Спорна е и одредбата дека државјанин на Македонија може да се стане и со познавање само на албанскиот јазик, како втор службен во државава, исклучувајќи го познавањето на македонскиот јазик.

Во образложението на законот од Алијанса и од Алтернатива велат дека во постојниот закон на државјанин на Македонија му е дадена можност да има и државјанство на друга држава и со истиот закон е уредено дека тие лица во земјава се сметаат исклучиво за македонски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено. Но, иако ваквата одредба е прецизна, велат предлагачите, сепак не била сеопфатна и во целост не ја отсликува моменталната состојба во државата затоа што не ги опфаќа оние кои реално до 8 септември 1991 година живеат во Македонија, а биле државјани на другите републики во поранешната СФРЈ. Оваа можност, според пратениците,  им е ускратена на тие граѓани и затоа потребно е изменување и дополнување на законот со кој ќе постои уште една законска можност за стекнување на државјанство и на оние лица кои ќе докажат дека до 8 септември 1991 година живееле во Македонија.

Предлог-законот предвидува и „лицето на кое како малолетно му престанало државјанството со отпуст, да може повторно да го стекне ако до наполнети 25 години живот законски престојува најмалку една година непрекинато во Република Северна Македонија и поднесе барање за повторно стекнување на државјанството.

Понатаму се вели и дека „Со усвојување на предложените законски решенија ќе се дорегулира законот во делот на стекнувањето на државјанството со природување со што ќе се даде законски основ за спроведување на претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика, според единиците кои се опфаќаат, белезите за кои се собираат податоци, бројот на учесниците при неговото спроведување, обемот и времетраењето на обработката и потребните финансиски средства за негова реализација со кој реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата“.

Поврзани содржини