На Општина Центар не ѝ се брза да ја асфалтира улицата Ленинова. Иако се завршени тротоарите и подземната инфраструктура, со недели улицата стои со издигнати шахти.
Граѓаните се револтирани од одолговлекувањето на градежните работи. Сообраќајот се одвива бавно, зашто возилата избегнувајќи ги шахтите, чекаат за да се разминат.
Од Општина Центар велат дека асфалтирањето на улицата Ленинова е во тек.
„Завршниот слој асфалт ќе биде ставен до крајот на јули и со текот на асфалтирањето ќе се нивелираат и шахтите“, додаваат од Општината.
Улицата Ленинова почна да се реконструира на 15 февруари годинава, на потегот од крстосницата со булеварот Партизански одреди до улицата Митролополит Теодосиј Гологанов.
Со проектот за реконструкција, како што информираа од Општина Центар, требаше да се постави нов горен и долен слој на асфалт, целосно да се заменат водоводната и атмосферска канализациска мрежа, да се реконструираат старите и оштетени тротоари и да се воведе резидентен паркинг по цела должина на улицата, со нова урбана опрема и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување.
– Со оваа реконструкција им излегуваме пресрет на граѓаните, кои со години бараа Општината да го реконструира овој дел од улицата Ленинова. На крајот, граѓаните ќе добијат нова и квалитетно изведена улица, со нова атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување. Воведувањето резидентен паркинг на овој потег на жителите значително ќе им ги олесни секојдневието и ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос кој се создава во овој дел, особено во попладневните часови – рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски најавувајќи ја реконструкцијата во февруари.
Планирана беше нова велосипедска патека од едната страна на улицата, нови рабници, осветлување, нови канделабри. Каблите кои се испреплетени во дивите костени треба да бидат спуштени подземно и во договор со ЈП „Паркови и зеленило“ крошните на дрвјата да бидат искроени за да не ја попречуваат светлината од канделабрите и да не удираат во фасадите на зградите. По насока на претпријатието старите и исушени дрвја ќе бидат отстранети, најави Герасимовски.
Улицата Ленинова е долга 510м, а на неа треба да биде поставен нов асфалт од 4000 м2. Ќе има нови пешачки патеки од 4100м2 со нова урбана опрема од клупи и канти за отпадоци. За побезбеден сообраќај на две места на коловозот ќе има подигнувања т.н. бариери за намалување на брзината.