ФОН ДЕР ЛАЈЕН СЕ ПРОТИВИ Не треба Г-20 да се бојкотира зошто ќе дојде Путин
Самитот на лидерите на Г-20, на кој се поканети лидерите на сите земји членки, меѓу кои и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, се очекува да се одржи на 15 и 16 ноември на Бали.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека не ја поддржува идејата за бојкот на самитот на Г-20 во Индонезија доколку на него учествува и рускиот лидер Владимир Путин.
Таа посочи дека форматот на Г-20 е од големо значење не само за развиените, туку и за земјите во развој и според неа, неопходно е да се водат широки разговори за актуелните состојби во светот.
Самитот на лидерите на Г-20, на кој се поканети лидерите на сите земји членки, меѓу кои и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, се очекува да се одржи на 15 и 16 ноември на Бали.
САД и другите сојузнички земји се обидоа да извршат притисок врз Индонезија, која претседава со Г-20 оваа година, да ја откаже поканата на Русија за учество на самитот.
Меѓутоа, официјална Џакарта одговори дека е испратена покана до Русија, дека на самитот ќе се разговара за економски прашања и дека политиката не може да влијае на агендата на тој собир.
На предлог на САД и нивните сојузници, индонезиската Влада ја покани и Украина на самитот.
Рускиот претседател Владимир Путин ја прифати поканата на Индонезија да учествува на самитот Г-20, но форматот на учество сè уште се разјаснува, изјави денеска советникот на Путин, Јуриј Ушаков, цитиран од Тасс.
– Да, потврдивме дека нашето учество е планирано – рече тој.
На Ушаков, меѓутоа, му беше тешко да одговори на прашањето дали рускиот претседател ќе учествува лично или преку видео врска.
– Не знам, засега е поканет за лично да учествува, но има уште многу време, се надевам дека пандемијата ќе дозволи овој важен форум да се одржи лично, но едноставно се плашам да нагаѓам – кажа советникот на Путин.