ФОН ДЕР ЛАЈЕН ЌЕ БИДЕ ГЛАВНА И НА ЕВРОПСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ Европската комисија формира нова разузнавачка единица
Единицата што ќе се формира во рамките на генералниот секретаријат на Комисијата планира да вработи службеници од целата разузнавачка заедница на ЕУ.
Европската комисија почна да формира ново разузнавачко тело под водство на претседателката Урсула фон дер Лајен, во обид за поуспешно користење на информациите собрани од националните разузнавачки агенции, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Единицата што ќе се формира во рамките на генералниот секретаријат на Комисијата планира да вработи службеници од целата разузнавачка заедница на ЕУ. Единицата ќе собира разузнавачки информации за заеднички цели, објави весникот, повикувајќи се на 4 лица запознаени со плановите.
Целосната инвазија на Русија во Украина и предупредувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе се намали американската безбедносна поддршка за Европа ја поттикнаа ЕУ да ги преиспита своите домашни безбедносни капацитети и да ја започне својата најголема програма за вооружување од Студената војна.
– Разузнавачките служби на земјите-членки на ЕУ знаат многу. Комисијата знае многу. Ни треба подобар начин да го споиме сето тоа и да бидеме ефикасни и корисни за партнерите. Во разузнавањето мора да дадете нешто, за да добиете нешто – вели едно лице запознаено со планот.
Сепак, на тој потег се спротивставуваат високи претставници на дипломатската служба на ЕУ, која го надгледува Центарот за разузнавање и ситуации на блокот (Intcen). Тие стравуваат дека ова ќе ја дуплира улогата на единицата и ќе ја загрози нејзината иднина.
Планот не е формално соопштен до сите 27 земји-членки на ЕУ, a телото има цел привремено да донесе претставници од националните разузнавачки агенции.
Портпаролот на Европската комисија изјави дека „ Комисијата испитува како да ги зајакне своите безбедносни и разузнавачки капацитети, а како дел од овој пристап, се разгледува создавањето на посебна ќелија во рамките на генералниот секретаријат“.
Споделувањето разузнавачки информации долго време е чувствителна тема за земјите-членки на ЕУ. Големите држави како Франција, со широки шпионски капацитети, беа претпазливи во споделувањето чувствителни информации со партнерите. Појавата на проруски влади во земји како Унгарија дополнително ја комплицираше соработката.
Се очекува главните градови на ЕУ да се спротивстават на потезите на комисијата за создавање нови разузнавачки овластувања за Брисел, рекоа два извори. Но, тие додадоа дека долго време постојат загрижености за ефикасноста на Intcen, особено додека Европа реагира на хибридната војна на Русија.
– Комисијата нема да почне да испраќа агенти на терен – рече друго лице.
Сугестиите на Трамп дека САД би можеле да ја намалат својата поддршка за Европа и неговото привремено суспендирање на разузнавачката поддршка за Украина оваа пролет ја истакнаа зависноста на континентот од Вашингтон за одредени капацитети.
Новата единица доаѓа по одлуката на фон дер Лајен да формира наменски „колеџ за безбедност“ кој ќе ги информира нејзините комесари за безбедносните и разузнавачките прашања.
Споделувањето разузнавачки информации од ЕУ датира од терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, што ги поттикна разузнавачките агенции на Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство да почнат да собираат класифицирани безбедносни проценки. Со текот на времето тоа стана поинституционализирано, се прошири на други земји-членки и во 2011 година беше ставено под покровителство на дипломатската служба на ЕУ.