Философи и гоедари

Една таква „внатрешна“, домашна констелација наликува токму на онаа на Цепенков од насловот и упатува на размислување: што навистина се случува кај нас и како понатаму? Зашто оваа политикантска какофонија не е само локален фолклор или отсуство на ум зрел за проценка на нештата. Овде очигледно и понатаму се играат срамни и неморални игри, раката на usaid и европските хиени и понатаму е долга и дарежлива, а културната војна темелно се поддржува одвнатре.

1,464

Со реченицата „Мнозина философи има гоедари и мнозина гоедари станале философи“, ја започнува својата Автобиографија Марко Цепенков, издадена во 1896 година. И после нецели 130 години гледате дека речиси ништо не се сменило кај нас. Истата ситуација ја имаме и денес и тоа е еден од најголемите проблеми на оваа држава! И ние, како и Европа, што воопшто и не е чудно, си имаме – што би рекол Венс – „внатрешен проблем“, проблем што го кочи нормалниот развој на државата

Дополнително, и во еднаков број на тие 130 (но и повеќе) години, си имаме и надворешни проблеми. Не мали, напротив. Но внатрешните и надворешните проблеми не се петпарачки дребулии подложни на компаративни егзактни мерења, па следствено не можеме прецизно да определиме која сопирачка е поефикасна. Меѓутоа, ако на надворешните можеме сосема малку да влијаеме, зарем е ист случајот и со внатрешните? Не е, се разбира, но во внатрешните се вплеткани многу празни глави, суети и лични интереси, лукративни и „идеолошки“ подаништва…, што значително ги усложнуваат нештата. Кога на тоа ќе ги додадете и „философите и гоедарите“ на Цепенков, работите стануваа уште покомплицирани.






И тоа нема врска со демократијата, слободата на мислење и говор, на ставови вакви или онакви. Туку само и единствено со здрав разум, стамена моралност, цврсти критериуми во системот на вредности. Да, и во политиката или – особено во политиката!

Зашто кога ги слушате овие хаотични звуци во македонската политика коишто треба да наликуваат на гласови на разумот за македонското место во актуелната геополитичка реалност – иако поимот „реалност“ е многузначен но сепак мислам дека овде е доволно јасен – ви станува повеќе од очигледно дека не слушате хармонија туку какофонија, не гледате став туку очите ви ги боде суета и слугинство, не мирисате миро туку ве заплиснува реа од гадости… Со еден збор: в лице ве удира кочоперна провинција, лажен интелектуализам, неподносливо неука помпезност…, нешта што, во краен случај, можеби и ќе ги „проголтате“ или ќе им одбиете на глупост, но не и доминантната неморалност, тврдините соѕидани од лаги и потенцијалните дворци ни на небо ни на земја, сето завиткано во страотно простачко славољубие.

Секако, ова не е тесноетнички специјалитет само на македонските политички партии, но ако тие го претставуваат мнозинскиот народ, а притоа покажуваат таква и толкава неспособност, неможност за нормален дијалог и усогласување на ставовите околу смерниците во долгорочниот и краткорочниот развој, тогаш истите немаат право да пледираат ни на некакво водство, политичко или друго, во државава. Времето/„реалноста“ ќе ги (з)гази!

Знам дека многумина погодуваат кој политички – или политикантски, подобро речено – субјект предничи во оваа неславна „епопеја“ на глупоста, но јас немам причина тоа (повторно) да не го потенцирам: излитената секта како некаков отпадок од некогашната сдсм (малите букви се…) и нејзината квази-интелектуална „аналитичка“ приколка полна со конфузни пиони, е апсолутен шампион во ретроградните разбирања на политиката. И повторно – знам: некој ќе рече ако претседател им е неврохирург (како единствен и неотповиклив, „за сва времена“), ако заменик претседател им е госпожа- предводник на т.н. сорос армија (инаку тотален политички дунстер!), ако во Централниот одбор не можете да прочитате ниту едно сериозно име освен неколкуте „крвни врски“ со сдсм-олигарси, ако ова и ако она… тогаш воопшто и не е чудно што оваа секта скита во политиката како гуските во маглата низ Рим, поточно околу Скопје.

Ако пак кон апсолутното непознавање на политиката – или нејзиното разбирање само како чаршиска трговија според рецептите на нивните претходници Заев и Ковачевски – ја додадете и слепата предаденост на идејата „Европа сега“ непрашувајќи за цената, тогаш нештата стануваат многу појасни. Иако и сето ова може да се прости, ама само за милиметар, но отсуство на морал и минимум национално достоинство – ама баш никако.

Или, ако сакате, која демократија ја пропагира оваа секта кога и денес, односно утре, ќе оди на повторен, или поправен, избор на претседател со – еден кандидат? Што говори тоа, или поточно: за каква демократија во сектата, а потоа и претпоставената демократија што тие би ја инсталирале во државата, станува збор? И кој тоа и понатаму ги влече конците во таа секта? Или, во остатоците на некогаш „државотворната“ партија нема стамен, разумен политичар, човек кој би се спротивставил на аматеризмот – да не кажам посилен збор – на двоецот со кормилар Филипче и Каранфиловска? А зошто пак токму таа „госпожа“ не е тој противкандидат? Или она би онака, „из прикрајка“ да влече конци како во сорос (малите букви се…)?!

Иако, ако баш сакате, зарем сериозен, морален политичар, па и обичен човек, кому името му се валка онака низ кулоарите на „Аферата usaid“ така спокојно би си седел во партиската фотелја држејќи лекции за сериозна политика како два и два да се – петнаесет?! И не само поради корекцијата на Милошоски за фактот кој го потпишал Договорот за стратешко партнерство со САД, туку поради редица други, посуштински ставови од типот на: кој и како застанал зад некоја резолуција, неправејќи разлика помеѓу стратешки партнер и хиени во овчја кожа што ја тормозат државата дваесет години; кои и какви инстант резултати треба да испорача актуелниот премиер од средбите со странски државници а коишто резултати никој во сектата, никогаш, па ни таа, не ги побараа од нивниот тезгарош; сериозно прашање за анализа е мудрувањето дека ние не смееме да „скршнеме од европскиот курс“ зашто токму сектата со нејзините „политики“ ја потроши таа идеја во јавноста и кај глаачите; зарем умувањето за некакво европско просветителство, човекови права, демократија и слободи, па дури и антифашизам (sic!), ќе нѐ натераат да заборавиме што сѐ таа „демократска“ и „антифашистичка“ Европа ѝ дозволи на една земја којашто беше на страната токму на фашизмот… итн., итн.

Патем, нели е чудно како сите овие „ставови“ се искажуваат баш кај оној веле-новинар апострофиран во „Аферата usaid“, кој исто така продолжува да си работи како ништо да не се случило?

Овие (најблаго речено) неморални и чудни луѓе се пресоблекуваат во од, менуваат ставови и партнери преку ноќ, нивните „интелектуални“ приколки од редовите на онаа „пајтон интелигенција“ до вчера трубеа во полза на „стратешкиот партнер“ и оној заспан старец кој си го помилува целото семејство, но сега кога тој партнер ги укина сите бенефиции за таков тип булумента и почна да дели шамари на лажните либералите ширум еу (малите букви…) тоа било лоша политика. Сега дури ни Трамп не знае каков е рејтингот на кукларон од Киев ама сектата знае, САД немаат поим како се развива војната во Украина ама вчера испилени „видни“ членови на сектата знаат кој добива и кој губи и, ете, решени се – дремејќи во собраниските фотелји – да не ја остават Украина сама, едно полуписмено србофобче дури се осмелува да прогласува дека Скопје одработува за Белград ама не смееше да писне кога оној Османи предлагаше резноразни резолуции итн.

Една таква „внатрешна“, домашна констелација наликува токму на онаа на Цепенков од насловот и упатува на размислување: што навистина се случува кај нас и како понатаму? Зашто оваа политикантска какофонија не е само локален фолклор или отсуство на ум зрел за проценка на нештата. Овде очигледно и понатаму се играат срамни и неморални игри, раката на usaid и европските хиени и понатаму е долга и дарежлива, а културната војна темелно се поддржува одвнатре. Некои од овие симпатии на Цепенков дури и не се срамат јавно да подметнуваат изјави на, на пример Џорџ Буш, од далечната 2017 година како да се дадени по инаугарацијата на Трамп во јануари 2025!

Иако, и тоа мора да се потенцира, домашниве крлежи, криејќи се зад слободата на говорот, сепак уште не стасале до оној тип на вулгарности што ги прогласуваат Трамп, Маск и целиот врв на новата американска администрација за фашисти, расисти, мизогини… решени да уништат сѐ – па дури и вистината (sic!) – што го изградија оние „добрите“ од крилото на Бајден, Харис и останата булумента на либерално-демократската мафија. Треба само да ги слушнете „големите“ демократи како Хаким Џефри кој повикува на „улична борба“, како онаа Де Џенерис урла од смеење што Камала Харис отворено вели дека (во лифт) би го убила Трамп, како Бајден жали што не го одвел Трамп позади за да го претепа, па „мадам“ Хилари of all people плаче дека некој сака да го уништи тоа во што таа верува (sic!), де Ниро би му удрил бокс в лице… итн., итн.

Освен ексцесни инциденти, барем во овој поглед, ние уште добро се држиме!

Но тоа нема да трае долго зашто домашнава клиентела е навикната на лагоден живот, а тој завршува. Светот се менува, на подобро или полошо, некому тоа можеби не му се допаѓа, но поголем проблем е што ние стоиме во место. Не мрдаме веќе три децении. Исти ни се „политиките“, „приоритетите“, „стратегиите“, или ги дополнуваме со идиотизми од типот на грб и химна. И понатаму сѐ ни е во стилот на флоскулата на тезгарошон за „укотвен прогрес“ со синџир од два тони. И во духот на Цепенков за философите и гоедарите!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини