Филипче: За наесен во опција се и полициски час, затворање на училишта и угостителски објекти
Филипче смета дека полошо сценарио би значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои би ги окупирале истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид.
Здравстевниот систем се подготвува за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио, вели министерот за здравство Венко Филипче.
– Имаме план за дополнителни рестрикции согласно со некои мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик – нагласува Филипче.
Тој во интервју за мкд.мк потенцира дека во опција како една од мерките е и враќање на полицискиот час, затворање на училиштата и угостителските објекти и забрана за собири, додавајќи дека во планот на рестрикции битен е и регионалниот пристап.
Според него, полошо сценарио би значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои би ги окупирале истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид.
Тој напоменува дека во такви услови особено мора да се биде внимателен со децата, потенцирајќи дека смета оти предлогот на Комисијата за заразни болести за настава до трето одделение со физичко присуство, а за другите онлајн, е сосема солиден.
– Нашите препораки се темелат на епидемиолошките сознанија, а Министерството за образование и наука треба да одговори за другите предизвици. Апсолутно мислам дека е солидна препораката за од прво до трето одделение. Мислам дека треба да одат во училиште ако се согласни родителите, вели Филипче, додавајќи дека доколу родителите не се согласат со ваквиот предлог тогаш треба да има и онлајн-модел.
Во услови кога се испитуваат повеќе вакцини против ковид-19, министерот за здравство смета дека оптимистичко сценарио е вакцината да биде достапна на почетокот на 2021 година.
– Аплициравме за ковакс-механизмот на СЗО, којшто би ги дистрибуирал вакцините тогаш кога секоја ќе дојде до производителите. Немаме доволно сознанија за тоа до каде се вакцините. Компаниите што се пријавени во ковакс се блиску до третата фаза на клиничко испитување. Мислам дека е оптимистичко сценарио на светот да му биде достапна вакцина во почетокот на следната година. Тие што се најнапред во процесот. За руската (вакцина) немаме многу сознанија, сè уште истражуваат нашите експерти – потенцира Филипче.