Брзите тестови за ковид-19 многу скоро се очекува да бидат достапни и во болниците во нашата држава, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното интервју во „Топ Тема” на ТВ Телма.
– Последните неколку месеци на пазарот се подостапни брзи тестови за детектирање на вирусот (не на антителата). Меѓутоа се брзи и за 10-15 минути го детектират тоа без потребна лабораторија, без лабораториски апарат. Значи брис и една мала плочка. За кратко време ќе почнеме со набавка. Тие тестови пред се ќе бидат дистрибуирани во болниците, и во соработка со Центрите за јавно здравје, веројатно на граничните премини. Сето тоа ќе овозможи многу брз резултат на пациентите кои доаѓаат пред се итните, и на тие што им е потребна некаква интервенција. За 15 минути на лице место, без никаква потреба за голема експертиза, ќе знаат вработените дали пациентот е позитивен или негативен – рече министерот Филипче.
Освен во болниците министерот Филипче, додаде дека брзи тестови за ковид-19 ќе има и на граничните премини, но пред тоа ќе треба да се подготви стратегија.