Филипче: За какви провизии и фантомски фирми зборат кога парите се вратени

Не станува збор ниту за нешто незаконско, ниту за провизии за кои не обвинува деновиве опозицијата. При набавката на вакцините секогаш сме се раководеле од два принципа, внимателност и регуларност. Ги осудивам сите овие обиди на опозицијата да го наруши угледот и да го загрози процесот на имунизација, рече Филипче.

1,673

Министерот за здравство Венко Филипче денеска остро ги демантира пишувањата на италијанскиот весник „Ла Верита“ дека фантомска фирма посредувала во набавката на вакцини од Кина и ги осуди, сите обиди, како што рече, да се загрози процесот на имунизација во земјава.

Тој обвини дека опозицијата сака политички да поентира, по цена на здравјето на граѓаните.






– Не станува збор ниту за нешто незаконско, ниту за провизии за кои не обвинува деновиве опозицијата. При набавката на вакцините секогаш сме се раководеле од два принципа, внимателност и регуларност. Ги осудивам сите овие обиди на опозицијата да го наруши угледот и да го загрози процесот на имунизација. Станува збор за компании кои не убедиле дека може да стигнат до вакцините, за какви провизии, за какви фантомски фирми зборат кога парите се вратени – рече Филипче.

Тој објасни дека Министерството за здравство ги следи инструкциите од кинеското МНР, а дека во претходните контакти за набавка на вакцините постапувале според уверувањата на компаниите.

– Сигурно дека станува збор за компании кои не увериле дека можат да стигнат до вакцините, ние стигнавме до вакцините, меѓутоа беше пораката од кинеското МНР што ја испочитувавме, дека ние треба да следиме друг пат кој тие ќе ни го сугерираат. Во таа смисла буквално нема ништо сомнително, гледате каква борба е низ светот да се стигне до вакцини. Жал ми е, што тоа сето излегува во медиуми кои се блиски до опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, еве нивните сајтови и тоа што излезе во италијанскиот исто така близок до нив „Ла верита“ се документи кои ние сме испратиле до навистина многу компании со цел да добиеме што повеќе информации за можностите за набавка на вакцините. И во таа смисла и ова конкретно за 200 илјади кинески вакцини од компанијата „Синофарм“ се прави по истите принципи на деталите – рече Филипче.

После иницијалните обиди, додаде министерот, да направиме директен контакт со фабриката во што не успеавме, појасни тој, побаравме помош од некои наши кинески компании тука во земјава активни што работат „Пауер Чајна“, понатаму „Синохидро“ кои ни укажаа на некои компании кои може да не спојат и тоа даде резултат.

– За време на тие разговори во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата Амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното МНР од каде ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го пратиме оној регуларен пат по кој на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати и заради тоа сакајќи да ја целата постапка забрзаме најдовме еден алтернативен начин. Не станува збор апсолутно за ништо незаконски, за ништо нерегуларно – рече Филипче.

Во делот на одговорностите за вакцините, тој објасни дека, тоа е нешто што важи буквално за разговорите и договорите со сите компании.

– Тоа е обврска на Министерството за здравство и тоа ние го преземаме за буквално сите вакцини и сите производители. Зошто? Поради тоа што Министерството за здравство е одговорно преку својата програма за имунизација за секој дел од овие несакани ефекти и тоа се однесува буквално на секоја вакцина што влегува во земјата. Така што дозволете да ги осудам сите овие обиди да се фрли дамка на овој процес во една ваква осетлива ситуација кога вакцинацијата навистина треба да продолжи во нашата земја. Со ова опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го компромитира процесот и со тоа да го загрози, со тоа што би се загрозил целокупниот процес на продолжување на имунизацијата во нашата земја. Со ова некој политички сака да има бенефит да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани – додаде Филипче.

Во врска со вакцините на „Фајзер“, рече дека според најавата од комуникацијата што ја имаат сега станува збор за 20.000 вакцини кои треба да стигнат на крајот на март, кога се очекуваат да стигнат меѓу 20.000 и 25.000 вакцини на компанијата „Астра Зенека“.

 

Поврзани содржини