Филипче: Во моментов се наоѓаме на крстосница!
Тој додаде дека земјава е целосно подготвена да се носи со проблемот, бидејќи епидемијата, според него, е ставена под контрола.
После три месеци, ние сега се наоѓаме на крстосница: дали да продолжиме да го враќаме животот во нормала, или, пак, доколку мерките не се почитуват, борбата со коронавирусот да продолжи и понатаму, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Три месеци интензивно работиме и се справуваме со вирусот. Првата битка ја добивме, но војната и понатаму ќе трае. Вирусот нема да замине, па ќе мора да научиме да живееме со него. Олабавувањето на мерките оди заедно со меките мерки, а тоа е задолжителното носење заштитна опрема, одржување дистанца и редовно миење раце. Голем дел од граѓаните ги почитуваат мерките, но има и такви што не го прават тоа. Денеска имаше повеќе текстови во медиумите, дел од нив укажуваат на тоа дека овие мерки се резултат на парамедицина. Тоа не е точно. Сите досегашни мерки се носеа врз основа на науката. Тоа се мерките во сите земји во светот – рече Филипче.
Тој додаде дека земјава е целосно подготвена да се носи со проблемот, бидејќи епидемијата е ставена под контрола.
– Ние со овие мерки продолжуваме понатаму и тоа е клучот за враќање на животот во нормала. Купивме доволно опрема, заштитни материјали, а сега имаме доволно искуство за справување со болеста. Сето ова е во насока за овозможување поквалитетен третман кон пациентите. Огромен дел во борбата со коронавирусот сега паѓа на граѓаните, на нивната свест да се почитуваат сите превентивни мерки. Сите сме одговорни за нашето здравје, но и за колективното здравје – рече Филипче.