Филипче: Уште денеска ќе предложам заострување на мерките

На прашањето со која терапија се лечат заразените пациенти со коронавирусот, Филипче одговори дека сите се лекуваат со антибиотска терапија, но дека сега се прават истражувања дали лековите против маларија помагаат против Ковид-19.

1,837

Вкупниот број извршени тестирања за коронавирусот денеска е 43, а од нив тројца се позитивни, па тоа значи дека вкупниот број на заразени со Ковид-19 во земјава сега изнесува 70, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

– Една позитивна пациентка допатувала од Србија, втората пациентка е бабата на 4-годишното девојче од Штип, а третиот случај е пациент од Скопје. Сите пациенти се со релативно стабилна клиничка слика, освен пациентката која е ставена на машина за механичко дишење и која се наоѓа во критична фаза. Нејзината ситуација е многу покритична од вчера. Состојбата на останатите пациенти е непроменета. Направена е домашна визита, бидејќи има пациенти кои избираат да се лекуваат дома наместо во болница – рече Филипче.






Тој објасни дека земјава располага со 120 распираторни машини, како и дека во тек е набавката на нови машини, кои се запрени во Бразил.

– Во комуникација сме со нашиот амбасадор во Бразил и се обидуваме да ги добиеме машините. Но, денеска имаме и друга добра информација, а тоа е дека Кина резервирала 200 распираторни машини за нашата земја – рече Филипче.

Во однос на тестирањата, министерот истакна дека досега вкупно се направени 888 тестови, како и дека во овој момент лабораторијата располага со 1400 дополнителни тестови, а се очекува во наредниот период да пристигнат повеќе такви тестови. Исто така, тој рече дека затворањето на границите за нашите граѓани е противуставно и дека тоа не може да се направи.

– Оваа ситуација ни го смени животот. Луѓето се соочени со страв. Мора сите да сме свесни дека изолацијата е спасот и единствениот начин да се стави крај на ширењето на инфекцијата. Во оваа битка нема простор за политички поени. Уште на денешната владина седница која ќе започне во 16.30 часот ќе предложам заострување на мерките, посебно за делови на државата каде што е регистрирано непочитување на препораките – рече министерот.

На прашањето со која терапија се лечат заразените пациенти со коронавирусот, Филипче одговори дека сите се лекуваат со антибиотска терапија, но дека сега се прават истражувања дали лековите против маларија помагаат против Ковид-19.

– Ако лековите против маларија се покажат како ефикасни, тогаш ќе набавиме такви лекови – рече Филипче.

Тој додаде дека во новоотворените пунктови ќе работат луѓе кои имаат стручно познавање и кои знаат како треба да се земаат примероци од граѓаните.

– Масовното скринирање не значи дека целото население треба да биде скринирано. Алгоритам ќе одредува дали некој граѓанин треба да биде тестиран, а тоа ќе се врши според податоците кои ќе ги даде граѓанинот за тоа со кои луѓе се сретнал, дали имал контакт со заразени и слично – објасни Филипче.

Поврзани содржини