„ФИЛИПЧЕ ТРЕБА ДА ЛЕЖИ ЗАТВОР ЗА 14 ИЗГОРЕНИ ЛУЃЕ, А НЕ ДА ОДВЛЕКУВА ВНИМАНИЕ“ Обвинителството ќе каже кој е одговорен за Кочани, порача ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, денеска на прес-конференција ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека во истрагата за пожарот во Кочани ги штити своите функционери, со помош на Јавното обвинителство, а прв заштитен е Дејан Салтировски, актуелниот началник на СВР Штип.
Иако не ја оправдуваме, ја разбираме безидејноста на СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче да се оттргне вниманието од одговорноста во случајот со модуларната болница преку злоупотреба на трагедијата во Кочани, одговори ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
„Таму е жив фатен и факт е дека Филипче е човекот кој треба да лежи затвор што 14 луѓе живи изгореа во случајот со модуларната болница во Тетово. Таму основата на сè е што за Филипче провизиите беа најважни и тие чинеа животи. Затоа денес им треба дефокус со случајот Кочани, каде некрофилијата на СДСМ ги достигнува врвовите на нечовечноста и политичкото безобразие“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа кој треба да одговара во Кочани одговорно е Јавното обвинителството, додава ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема баш никакво право за тоа да говори Филипче или СДСМ, кои се директно одговорни за модуларната болница, но и за 10.000 загубени животи во ковид-кризата. Она на што треба да одговори денес СДСМ е зошто Венко Филипче дозволил градба на модуларната болница во која не смеело да се обавува здравствена дејност“, соопшти ВМРО-ДПМЕ.
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, денеска на прес-конференција ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека во истрагата за пожарот во Кочани ги штити своите функционери, со помош на Јавното обвинителство. Според Шукова, прв заштитен е Дејан Салтировски, актуелниот началник на СВР Штип.

– Власта која ја зави Македонија во црно се испречи на патот на правдата за најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој 62 деца го загубија својот живот, а 200 беа повредени. Христијан Мицкоски ги искористи сите механизми на власта, закани, уцени и присоци со единствена цел да ги заштити своите луѓе, односно оние кои се најодговорни за трагедијата која го снајде Кочани, а тоа се актуелните функционери на власта. Токму обвинителот Љубомир Коцевски кој беше под закана дека ќе биде сменет од актуелната власт, вчера ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со што ли Мицкоски го држи Коцевски под своја целосна контрола? – рече Шукова.
СДСМ, додаде таа, остави простор истрагата да биде завршена целосно и се надеваше дека ќе има правда.
– Од денес ги поставуваме клучните прашања и ги изнесуваме клучните докази кои очигледно се кријат за да се заштитат оние од власта. Прво заштитено лице е Дејан Салтировски. Обвинителството мора да одговори дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката „Пулс“ треба да бидат затворени? Ова е спротивно на стандардните операциски процедури. Прашуваме кој бил потпишан на таквата наредба? Зошто ако обвинителството поседува ваков документ нема ниту еден обвинет актуелен полициски функционер од таа вечер? Понатаму, Обвинтелството и власта мора да одговорат зошто нема обвинение против тогаш актуелниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски? Тој знаел или морал да знае дека во наредбата за акциска контрола спротивно на стандардните процедури стои дека ќе бидат затворени вратите во дискотеката – рече Шукова.
Понатаму, додаде таа, зошто Обвинителството не го објави јавно видеото на кое се гледа началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски во периодот 12.30 до 01:20 часот пред дискотеката „Пулс“.
– Дали Обвинителството го запраша Салтировски што барал во овој период пред дискотеката и зошто полицијата не влегла да врши акциска контрола како што било предвидено во 12.30 часот, кога започнува забавата, наместо на крајот од истата? – праша Шукова.
Таа праша и дали Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа.
– Дали Дејан Салтировски е заштитен од кривичен прогон затоа што е во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто, еден од најблиските соработници и бизнис-партнери на Христијан Мицкоски, со кој градеше хидроцентрални и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот Делчевски ниви? Дали Дејан Салтировски е заштитен лично од Панче Тошковски, кој што бил негов адвокат и не само што правно го застапувал, туку како вработен во гранична полиција на полицајците им нудел потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски со цел да испумпуваат пари од буџетот на државата? Дали е точно дека Дејан Салтировски подолго време не можел да добие безбеносен сертификат и ако е така како е можно да биде поставен на една така висока позиција во МВР? – рече Шукова.
Таа најави дека СДСМ ќе продолжи јавно да ги објавува сите информации кои ги има поврзани со трагедијата во Кочани.