Филипче: Со едукација за ковид-19 ќе започне учебната година
Ни претстои месец во кој што луѓето се повеќе се во затворени простории, на своите работни места, што може да е еден одреден ризик фактор и таа зголемена фрекфенција да ја влоши епидемијата – рече Филипче.
На денешната прес-конференција заедно со министерката за образование и наука, Мила Цароска, министерот за здравство Венко Филипче рече дека првиот ден на наставата ќе почне со едукација за ковид-19 и како учениците да се заштитат себеси и другите.
– Интензивно работевме со преставници на министерството за образование и наука, ги разгледавме сите аспекти. Разгледувавме еден аспект во смисла на состојбата со епидемијата, трендовите во однос на минатите недели, начинот на кој што вирусот се трансферира. Ни претстои месец во кој што луѓето се повеќе се во затворени простории, на своите работни места, што може да е еден одреден ризик фактор и таа зголемена фрекфенција да ја влоши епидемијата – рече Филипче.
Тој потврди дека и понатаму стојат на ставот од министерствто за здравство поради овие фактори, новата школска година да започне со онлајн настава со неколку исклучоци за децата од прво до трето одделение и на барања на другите училишта согласно со бројот на деца во класовите, согласно бројот на класови.
Ги имале предвид и искуствата од другите земји во светот кои почнаа со настава, има искуства каде за 40 отсто им се зголеми бројот на случаи заболени од ковид-19, откако ги отворија училиштата.
– Протоколите за основните и за средните училишта се речиси идентични, има протокол за влез и излез, отворени се сите влезови. Се организира влез и излез во различно време. На влезот се поставуваат едукативни материјали за заштита од ковид-19 – рече Филипче, при што ги наброја сите правила предвидени со Протоколот.
Ова се насоките кои според министерот Филипче ќе важат за училиштата со физичка настава.
На влезовите ќе има средства за дезинфекција и едукативни материјали. Во основните училишта учениците ги испраќаат родителите до влезот, се забранува нивно влегување внатре. На секој влез учениците ги пречекува надлежен наставник кој му помага на ученикот да ги дезинфецира рацете и обувките. Ќе им се мери и температура, а оние кои имаат зголемена телесна температура се враќаат дома.
Вработените во училиште при влегување и за време на наставата задолжително ќе треба да го почитуваат правилото за одржување на дистанца од 1.5 до 2 метри. На сите вработени им се мери температура при влез во училишната зграда и доколку имаат покачена температура се враќаат дома.
Се забранува поздравување со физички контакт помеѓу наставниците и учениците. Наставата во училницата се изведува со најмногу 20 ученици. За основните училишта кога ќе биде возможно наставата ќе се реализира надвор, во природа, при што при оваа настава нема да носат маски, но ќе држат дистанца. Првиот ден од наставата започнува со упатства за тоа како да се почитуваат сите овие мерки.
Употребата на спортската сала и другите објекти, ќе го користи строго една паралелка, односно да нема мешање помеѓу учениците. Се носи оброк од дома или ако е возможно училиштето ќе им дели оброци на учениците. Задолжително редовно проветрување, хигиена и дезинфекција на сите простории во училиштето пред и по завршување на смената, како и за време на одморите.
Во средните училиште за практичниот дел се изготвува распоред за користење на тие капацитети со сите протоколи за безбедност на учениците. Доколку во училиштето се појави ученик кој имал контакт со заболен со Ковид, тој ќе треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на маска. Потоа потребно е во училиштето да дојде епидемиолог и потоа се прави план за понатамошно делување согласно со симптомите кај ученикот – информираше Филипче.