ФИЛИПЧЕ СЕ ИНТЕРЕСИРА САМО ЗА НЕГОВАТА ФОТЕЛЈА Опозицијата не нуди нова политичка визија

Наместо сериозна опозициска политика, СДСМ денес се занимава со внатрешни пресметки и лични интереси, поради што голем број чесни членови се повлекуваат или ја напуштаат партијата, вели претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

0

Опозициската партија СДСМ се соочува со сериозна политичка и кадровска криза и значителен дел од нејзините активности се насочени кон напади врз Движењето ЗНАМ, вели претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Според него, актуелното раководство на СДСМ не нуди нова политичка визија.






– Интересот на Венко Филипче е ограничен само на неговата партиска фотеља. Наместо сериозна опозициска политика, СДСМ денес се занимава со внатрешни пресметки и лични интереси, поради што голем број чесни членови се повлекуваат или ја напуштаат партијата – рече Димитриевски во гостување на Алфа.

Тој посочи дека дел од разочараните членови на СДСМ веќе се приклучуваат кон ЗНАМ, но и дека движењето внимателно пристапува кон приемот на нови членови со цел да се изгради стабилен и принципиелен политички субјект.

Димитриевски се осврна и на случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи дека одлуката за домашен притвор претставува сериозен преседан кој дополнително ја поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем.

– Лице кое било во бегство и за кое постоела меѓународна потерница не смее да заврши во домашен притвор. На господинот Груби местото му е во истражен затвор, согласно принципите на владеење на правото и законските процедури – истакна тој.

Според Димитриевски, ваквите одлуки ја нагласуваат потребата од сериозни реформи во судско-обвинителскиот систем за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

Во врска со можната реконструкција на Владата посочи дека засега не се разговарало за конкретни кадровски решенија. Додаде дека Движењето ЗНАМ е задоволно од работата на своите министри, кои реализираат значајни реформи и системски закони.

Димитриевски порача дека ЗНАМ останува стабилен партнер во владејачкото мнозинство, со јасна политичка ориентација кон реформи, владеење на правото и заштита на државните интереси.

Поврзани содржини