ФИЛИПЧЕ ПРЕДЛАГА НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ ЗА ГОРИВАТА ОД 18 НА 5% Бара и нула данок за основните прехранбени производи
Коментирајќи ја кризата со гориво на Блискиот исток и зголемувањето на цената на дизелот за 20%, лидерот на СДСМ Венко Филипче предлага ДДВ од 5% за сите енергенси и намалување на акцизата за 4 денари по литар. Според него, владата треба да воведе и нула ДДВ за основните прехранбени производи за да се ублажи ценовниот шок.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, прес-конференција предложи намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% при промет на сите енергенси, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен газ и метан. Понатаму, вели Филипче, намалување на акцизата за 4 денари што според него директно ќе ја намали цената на еден литар на горивата по бензинските станции.
„И дополнително на сè, сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на храната“, соопшти Филипче коментирајќи ги новите цени на дизелот кои пораснаа за 20% поради ситуацијата на Блисиот Исток.
Според лидерот на СДСМ, во изминатите денови оваа влада не презема буквално ништо во однос на кризата којашто се случува со денови на Блискиот Исток, ништо не се дебатира ништо не се анализира, не се прават никакви припреми.
„Ќе поскапи струјата, ќе поскапат основните прехранбени продукти. Тоа ќе биде еден ланец на настани кои што ќе следат после поскапувањето на горивата. Имајќи предвид дека владата ништо не прави, сметам дека треба да предложиме нешто, да го земат предвид и да го направат за доброто на граѓаните“.
Филипче не е изненаден од поскапувањатта.
„И тоа не е изненадувањe, имајќи предвид дека системот не е спремен да се соочи со криза, а за што предупредувавме, да потсетам, и за време на анализа на Буџетот за 2026 година, дека овој Буџет е структуриран на начин на којшто криза нема да може да издржи. И после денешната одлука со која што од утре цените на горивата растат од 74,5 на 79,5 денари Супер бензинот. Дизелот за 20%, од 71 на 85,5 денари. Ова не е нешто што дојде преку ноќ. Ова е резултат на случувањата со кризата, со војната во Иран“.
Филипче потсетува дека еден месец во континуитет наназад расте цената на светските берзи на нафтата и таа е порасната за 60%.
„Досега требаше да има вонредна седница на Владата, би рекол и не една, повеќе, за да се спреми системот да се донесат мерки, за да вакви ценовни шокови граѓаните не почувствуваат. А што имаме, тоа што вообичаено имаме од премиерот изминатите веќе две години, спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади до мене лично, до опозицијата, манипулација со мигрантите, дали биле легални или нелегални, дека сме биле четврта економија, во светот“, реагира лидерот на СДСМ.