Потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче во гостувањето на Канал 5 ги коментираше последните политички случувања и наредбите на претседателот на САД, Џо Бајден.
Филипче истакна дека со наредбите, Бајден јасно укажува дека САД сериозно се фокусира на Балканот што е добар сигнал за нас и значи поддршка во решавањето на споровите и напредокот на земјата, но и порака за ретроградните структури политичари кои се обидуваат да го закочат европските процеси и напредокот на земјата.
Нема тајни разговори со Бугарија, нема никакви скриени сценарија, нема преговори за јазикот и идентитетот. Постапките на ВМРО-ДПМНЕ не ги разбирам, истакна министерот за здравство и потпретседател на СДСМ Венко Филипче во вечерашното издание на емисијата „Само вистина“.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ била поканета во Министерството за надворешни работи што, според него, е уште еден доказ дека нема ништо тајно.
– Се е отворено и транспарентно. Ниту еден акт, ниту еден документ, ниту едно преговарање не е скриено и тоа е одлука на оваа Влада. Се е јавно и транспарентно. За Преспанскиот договор имаше референдум. Што се скри тогаш. ВМРО-ДПМНЕ треба да даде поддршка за процесите кои значат заокружување на тој долг пат кон евроинтеграциите, што го помина земјата во интерес на граѓаните – рече Филипче.
Според него, малата излезност на протестите е фијаско на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
– Политиката треба да биде инструмент за да се разговара, да се најде заедничко решение и да се постигне консензус. Тоа граѓаните го очекуваат од нас – рече Филипче.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена во Скопје и во поголемите градови низ државата одржува протести против, како што велат, продажбата на националните и државните интереси од страна на власта. Бараат поголема транспарентност во преговорите со Бугарија.