Филипче: Од утре се враќа полицискиот час, а се забранува и одењето на гробишта
Тој објасни дека се воведува целосна забрана за движење на граѓаните од сите општини во Скопје, Теарце, Желино, Јегуновце, Тетово, Куманово, Липково и Штип.
Заради спречување на дополнително ширење на вирусот во ризичните региони, Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој објасни дека се воведува целосна забрана за движење на граѓаните од сите општини во Скопје, Теарце, Желино, Јегуновце, Тетово, Куманово, Липково и Штип.
– Петок е неработен ден за сите граѓани. Се воведува целосна забрана на движење од утре од 21 часот до понеделник до 5 часот наутро за сите општини во Скопје, за Општина Куманово, Општина Липково, Општина Штип, Општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови, полицискиот час ќе трае од четврток од 21 часот до петок до 5 часот наутро. Останатите денови полицискиот час ќе започнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро. Се забранува и посетата на гробиштата, освен во случај на погреби. За земјоделците ќе биде дозволено движењето со посебна дозвола, аптеките ќе работат непречено, како и здравствените установи. Исклучоците важат за Армијата, за полицијата, за здравствените работници, за маркетите и рестораните кои вршат достава на храна. Останува прошетката за милениците во одредениот период, а забраната за движење нема да важи и за лицата со попреченост – изјави Филипче.
Тој истакна дека новиот бран со новозаразени е директна последица на непочитувањето на мерките за заштита од ковид-19.
– Се надевам дека конечно и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. По одржани 100 прес-конференции, еден дел од граѓаните сè уште одбиваат да ја прифатат реалноста и да прифатат дека одговорноста е кај секој поединец. Она што сега го кажувам е реалност. Сите заедно можеме да ја надминеме кризата. Тврдам дека сите мерки се добри и сите пораки што ги испративме до јавноста беа прецизни. Верувам дека враќањето на рестрикциите не е лесно. Наша обврска е да направиме сè за заштита на колективното здравје. Тоа го правевме досега и ќе продолжиме понатаму да го правиме. Ако било кога во историјата било потребно единство, тоа е сега – рече Филипче.