ФИЛИПЧЕ ОБВИНУВА ДЕКА ВЛАСТА ВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ СУДСТВОТО Реформските процеси се блокирани

369

Венко Филипче, претседател на СДСМ и на Националниот совет за евроинтеграции, на денешната седница остро обвини дека власта врши притисок врз судството и дека независноста на институциите е сериозно нарушена. Тој се повика на забелешките на Европската комисија, која, како што рече, јасно укажува на „поткопана независност и финансиска автономија на правосудството“ поради мешање од други гранки на власта.

„Притисокот врз членовите на Судскиот совет ја загрозува правната држава“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека Европската комисија има три клучни препораки што Владата мора итно да ги исполни – донесување нов Закон за парнична постапка усогласен со европските стандарди, закон кој се носи со двотретинско мнозинство; како и забрзана имплементација на стратегијата за реформи во судството. Дополнително, Комисијата бара и доследно користење и унапредување на АКМИС-системот за електронско управување со предметите, бидејќи транспарентната распределба на предметите е предуслов за независно судство.

Филипче предупреди и за сериозната загриженост на Европската комисија во однос на борбата против корупцијата, укажувајќи дека таа станува доминантна во многу области. Според него, Јавното обвинителство мора да се зајакне кадровски, да ја подобри ефикасноста во случаите на висока корупција и да обезбеди доволно човечки и финансиски ресурси.

Лидерот на СДСМ оцени дека пораките од извештајот на Европската комисија се „јасни и алармантни“ и дека реформските процеси во државата се блокирани. Тој упати повик институциите да престанат со политички влијанија врз правосудството и да почнат со реални и суштински реформи во интерес на граѓаните и европската перспектива на земјата.

Поврзани содржини