Филипче: Можно е да има меѓу 1.600 и 1.700 заразени со ковид-19, но не се опуштаме!
Во однос на пикот, не би избрзувале. Сакаме да видиме повеќе денови еден ваков тренд на помалку случаи, за да кажеме дека пикот е поминат. Неделава, евентуално следната околу 1 мај, така беа првичните предвидувања - рече министерот.
Во врска со тоа има ли отстапувања во однос на првите очекувања дека можно е да имаме меѓу 2.500 и 3.000 заразени со ковид-19 во земјата, како и на достигнување на врвот на инфекцијата, министерот за здравство, Венко Филипче, денеска одговори дека очекуваат да има помал број случаи.
– Последни анализи велат дека е можно оваа бројка да биде меѓу 1.600 и 1.700 заразени со ковид-19 во земјата. Но, се уште не се опуштаме, сметам дека е рано, а така мислат и епидемиолозите и експертите од Комисијата за заразни болести. Така ги препорачуваме и димензионираме мерките, бидејќи сакаме така и да продолжи овој тренд. Во однос на пикот, не би избрзувале. Сакаме да видиме повеќе денови еден ваков тренд на помалку случаи, за да кажеме дека пикот е поминат. Неделава, евентуално следната околу 1 Мај, така беа првичните предвидувања. Стравуваме е да не станува збор за поединечна варијација, како што беше во едно друго сценарио кога имавме еден пик во смисла на исклучок на над 100 дијагностицирани пациенти – рече министерот и додаде:
– Сакаме да видиме последователно повеќе денови еден ваков тренд за да кажеме, добро, поминат е пикот, и да очекуваме во континуитет и во следните денови намалување на бројот на случаи. Искрено се надеваме дека така ќе биде. Но, малку е рано, иако трендовите тоа ни го најавуваат.