Филипче: Им порачав на реисот и на поглаварот на МПЦ да не организираат верски собири, мерките се на сила
По информацијата која ја објави ИВЗ за отворање на џамиите на 12 мај повторувам дека сѐ уште е на сила забраната за групирање на повеќе од двајца луѓе.
Вчерашниот собир во Струга е чин на непочитување на здравствените работници и на сите кои два и пол месеци пожртвувано работат за што побрзо да излеземе од оваа криза, порача министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес конференција.
– Ова е непочитување и кон граѓаните кои се придржуваа до мерките. Најостро ги осудувам сите кои што не ги почитуваат мерките и очекувам темелна истрага за собирот на граѓаните вчера во Струга. Институциите мора да ги санкционираат прекршителите. Сите досегашни мерки дадоа резултат, се намали бројката на нови случаи а тоа е резултат на ваквите рестриктивни мерки, а на ваков начин тие најгрубо се прекршуваат – рече Филипче.
Тој информира дека утрово разговарал и со реисот од ИВЗ и со поглаварот на МПЦ и дека од двајцата побарал да се придржуваат до мерките и да не се организираат собири на верниците.
– По информацијата која ја објави ИВЗ за отворање на џамиите на 12 мај, повторувам дека сѐ уште е на сила забраната за групирање на повеќе од двајца луѓе. Секое неодговорно однесување на поединци ли на групи може да не врати на почетокот на кризата. Апелирам граѓаните да се воздржат од собири, да ја почитуваат забраната и да ги посчитуваат мерките за дистанца од 2 метри и да носат заштитна маска – рече Филипче.