ФИЛИПЧЕ ИГРА ПО БУГАРСКО СЦЕНАРИО И ЈА ПОНИЖУВА МАКЕДОНИЈА Кога ЕУ ќе биде спремна да нѐ прими, ние ќе бидеме спремни, порача ВМРО-ДПМНЕ
Во однос на Бугарите имаме јасен став и тој став знаеме дека ни носи проблеми и недоразбирања, но тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања, се нагласува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче продолжува да го игра бугарското сценарио за Македонија, да ја понижува сопствената држава, притоа заборавајќи дека тој и неговиот струмички ментор е виновникот заради чие предавство и прифаќање на штетен договор сега сме предмет на уцена и притисок, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес конференција на лидерот на СДСМ на која тој ја критикуваше Владата дека нема капацитет да ги испорача барањата од ЕУ за почеток на преговорите.
„Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат сѐ додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и нѐ охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина. Истовремено очекуваме овие теми да се разговараат во иднина, исто така и Филипче како притиснат на дугме да продолжи да крева паники, затоа што човекот едноставно е заложник и киднапиран и ние тука ништо не можеме“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека токму поради ова Филипче пред кампањата ја отворил оваа тема.
„Некои може сметаа дека е коинциденција или поттикнати од глупостите кои ги прават дека е незнаење, но за жал за оваа тема е сепак нешто далеку подлабоко, тоа е заложништво на Филипче и семејството од Струмица во фиоките на нашите соседи. И веќе на сите им е јасно“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во партијата сметаат дека извештајот е реален, дека има многу работи кои се заостанати и резултат на проблемите кои ги наследиле, но порачуваат дека ќе работат посветено на реформите и неопходните чекори за просперитет и добробит на земјата и на граѓаните.
„Наша цел е членство во ЕУ. А ние ќе бидеме спремни за тоа, кога ЕУ ќе биде спремна да нѐ прими. Во однос на Бугарите имаме јасен став и тој став знаеме дека ни носи проблеми и недоразбирања, но тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања“, се нагласува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.