ФИЛИПЧЕ ГИ ПОВИКА ПАРТИИТЕ НА НАТПАРТИСКА И НАДНАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА Лидерот на СДСМ најави масовна кампања на терен по празниците

Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување, рече лидерот на СДСМ и рече дека партијата ќе ги врати луѓето во фокусот на својата политика.

280

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференцијата по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

– Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби – истакна Филипче.






СДСМ, вели Филиппче, нуди „реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија“ во својство на „конструктивна опозиција“.

– Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување – рече лидерот на СДСМ.

Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа.

– Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира – истакна Филипче.

Според Филипче, со овој пристап на СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.

Лидерот на СДСМ исто така најави теренска кампања по празниците, како дел од новата платформа на партијата која ги става граѓаните на прво место.

– Сакам да најавам масовна теренска кампања после празниците. СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чувство дека не може ништо да направат во ситуација кога власта не се грижи за нив и за реалните проблеми – истакна Филипче.

Тој рече дека СДСМ ќе ги врати луѓето во фокусот на својата политика, а дека грешките од минатото ќе бидат исправени.

– Ова го сака токму ВМРО-ДПМНЕ, да ги убеди луѓето дека мора да се помират со политиките пропагирајќи им дека ете тие биле непобедливи сега. Реалноста е сосема различна, животот е многу тежок, проблемите се товарат еден врз друг. СДСМ направи грешка со тоа што се оддалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и таа грешка ќе ја исправиме – рече Филипче.

Според планот на Филипче, до крајот на годината ќе завршат сите внатрешни процеси во партијата, а потоа ќе следува теренската активност и промоција на новата платформа.

 

Поврзани содржини