ФИЛИПЧЕ ГИ ПОДУЧУВА СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ Нема потреба од дополнителни рестрикции, да научиме да живееме со вирусот
Лично сметам дека ниту омикрон-сојот ниту поради кој било друг што евентуално би се нашол треба да се прават некакви дополнителни рестрикции. Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од кризата, рече Филипче.
Македонија нема потреба од какви било поголеми рестрикции поради омикрон-сојот или кој било иден сој, а тоа важи и за светот, кој ќе треба да научи „да живее со коронавирусот“, изјави денеска минитсерот за здравство во заминување, Венко Филипче по посетата на Гинекологија Чаир.
И покрај големите бројки и локадуни кои го затворија соседството и цела Европа Филипче смета дека состојбата кај нас е стабилна и дека на својот наследник Беким Сали, му остава чиста ситуација.
– Лично сметам дека ниту омикрон-сојот ниту поради кој било друг што евентуално би се нашол треба да се прават некакви дополнителни рестрикции. Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од кризата. Не можеме ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките, сè до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки – рече министерот за здравство во заминување, Венко Филипче.
Во меѓувреме, Грција и Црна Гора ги откажаа новогодишните прослави, Словенија исто така, со тоа што дозволи само да работат угостителите, Германија ги затвори и угостителите и ноќните клубови, во Португалија сè е затворено и луѓето имаат обврска да работат од дома сè до 9 јануари.
Сепак, според Филипче, во Македонија здравството може да здивне од преполнети болници.
– Сега ковид-центрите не се полни поради тоа што нема пациенти, едноставно нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје ниту ширум државата. Во огромен број инфективни одделенија практично и нема хоспитализирани, десетина инфективни одделенија практично се празни. Дел од пациентите кои се дијагностицирани се праќаат на домашно лекување поради тоа што имаат полесна клиничка слика – рече Филипче.
Во Македонија сè уште има само еден случај позитивен на омикрон-сојот, но надлежните најавуваат оти нови секвенционирања ќе се прават наскоро за да се утври дали новиот сој дополнително се раширил.
Претходно во саботата, Филипче изјави дека првиот заразен со омикрон во Македонија е испратен на домашно лекување, но за патниците кои патувале со него во авионот нема да има карантин бидејќи се носеле заштитни маски според ковид-протоколите.