Филипче алармира: На Инфективната клиника во Скопје има уште 10 легла, можен е и карантин
Министерот за здравство апелира да се почитуваат мерките за превенција од ковид-19, да се носат маски и да се одржува дистанца, се со цел да се забави ширњето на вирусот.
Голем е бројот на пациенти кои се примаат во болниците, само вчера во болницата „8 Септември“ се примени пет пациенти, а на Инфективната клиника во Скопје се примени 13, соопшти министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција.
Тој апелираше да се почитуваат мерките за превенција од ковид-19, да се носат маски и да се одржува дистанца, се со цел да се забави ширњето на вирусот.
– Се пополнува капацитетот во сите инфективни оделенија, не така брзо во Скопје, меѓутоа насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден немаше слободни места во Куманово, во Струмица, во Велес и тие пациенти беа препраќани во Скопје. Пет пациенти се примени во „8 Септември“, 13 на Инфективната клиника. Таму има слободни уште десетина места и ја спремаме модуларната болница со цел да се намали притисокот кон болницата „8 Септември“ за да може другите пациенти да добиваат здравствена услуга. Може да се менаџираат болниците, имаме слободни кревети на Инфективната клиника, но целта е овој растечки тренд да го забавиме – рече министерот за здравство.
Филипче информира дека модуларната болница до Инфективната клиника е подготвена и дека може да биде ставена во функција, а има и кадар.
– Опремата може уште веднаш да биде ставена во функција. Десетина слободни кревети има на Инфективна клиника, ќе видиме колку исписи ќе има и приеми денеска, но спремни сме. Тука да ги сместуваме пациентите – рече Филипче.
Тој смета дека последниот пакет на мерки, рестрикција, зголемување на ингеренциите на инспекторатите и апелот до граѓаните да се придржуваат до мерките, ќе даде резултат, но како што рече, следниот чекор е карантин.
-Следниот чекор е целосен карантин, сѐ уште сме далеку но можно е – рече Филипче.
За новиот пакет мерки, тој вели ќе се разговара уште викендов, а дека редовната седница на Влада е закажана за вторник.