Фикција и факти: кој, кого и зошто го прислушкува

Мојот сомнеж е токму тука: дека нешто од она што сите го „знаат“ - кој следел, кој бил жртва, кој бил херој - е фикција. И дека она што фактички се случило е поинакво, посложено и далеку од црно-белата слика што ја нудат партиските апаратчици

900

Некаде од времето кога силите на обединетите нации наречени „Унпрофор“ беа во Македонија, со чувањето на мирот, носеа и пари во тогаш осамостоената земја и станаа субјекти во разни вицови. Еден, интелигентно смислен, но груб виц ми остана во сеќавање. Некое дете се вратило дома и го прашало татко си: „Што е фиктивно, а што фактички?“. Таткото му рекол: „оди прашај ја мајка ти – дали би спиела со некој од Унпрофор за 1.000 марки“. Кога детето се вратило и потврдило дека би спиела, таткото одговорил: „Е види сине, фиктивно е дека имаме 1.000 марки. Фактички имам неверна жена“.

Можеби некој ќе ме обвини за сексизам или за непочитување, но сметам дека во духот на моите колумни во кои секогаш има доза на сарказам и иронија, ова е прекрасен начин да го потсетам читателот што е фиктивно, а што фактички.






Во комунистичкиот период, единствената партија на власт – КПМ, подоцна СКМ-ПДП, а денес СДСМ – ја контролираше безбедносната инфраструктура. Следени беа разно-разни противници на системот, меѓу кои и македонски патриоти, кои пак денес се поврзуваат со ВМРО-ДПМНЕ или најмалку со нивните семејства.
Падот на комунизмот, во партиска смисла, го донесе на овој свет досието „Сина птица“, кое откри дека токму ВМРО-ДПМНЕ, како нова опозиција, била цел на системско следење. Внимавајте – не поединци, не групи туку партијата како институција.

Во 1998, ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, но остава речиси недопрен кадар во тогашната ДБК. Шефува одредена шефица, за која до денес остана нејасно како од професорка по марксизам стана изразена десничарка, но премлад сум за да се сеќавам на сите пикантерии предизвикани од неа. Само ќе се потсетам на еден постар пријател кој рече: кога ВМРО (ДПМНЕ) ќе дигне глава, тука е таа за да рече „Доста“. Но, да се вратиме на темата – пукна аферата „Големото уво“, во која никој не беше осуден, а сите беа прислушувани. Парадоксално, оваа афера ја урна власта која не го контролираше системот што требаше да го реформира.

Во 2006, ВМРО-ДПМНЕ повторно се врати на власт, овојпат малку повнимателно – и во оваа област избра кадар со кој никој сега не се гордее, но, што се однесува на темата на оваа колумна, имам впечаток дека се изнаслушавме фикција и не видовме факти. Имено, во 2015 година, повторно афера со прислушкување, но види чудо, сè што дознавме за „жртвата“ СДСМ е дека Зоран Заев е добар и внимателен татко, а за да оди иронијата до максимум, се изнаслушавме разговори на министри, партиски кадри, блиски луѓе – на „нарачателите“ премиерот Груевски и шефот на ДБК, Мијалков. Објаснувањето беше дека државата ја водат двајца исклучително параноични лудаци кои немаат доверба во ниту еден свој министер, немаат доверба во своите партиски кадри, па бараат од други партиски кадри да ги слушаат овие првите… Да, и мене ме заболе глава од реченицата, само не знам дали од фикцијата или од тоа што ни беше претставено како фактичка ситуација. Не се сомневам дека овој двоец нарачал некои нелегални прислушувања. Всушност убеден сум дека имало. Но, дека снимале на ангро, за да им се најде за зло време, па дека „херои на револуцијата“ ја спасиле државата од овие параноични лудаци – веднаш да ви кажам е помалку веројатно од Star Wars.

Стигнавме до 2025 година, кога се обзнани дека повторно имало прислушкување. Веќе и на народот му е сеедно, но, не на сите… Ете, за некои стана јасно, зошто, на пример, именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ беше проследено со „спонтани“ афери: дека имал лажен сертификат по англиски, дека немал завршен соодветен факултет, дека немал безбедносен сертификат… Сите обвинувања се покажаа неосновани, но она што треба човек да се праша е: што е со „спонтаноста“ на овие афери.

Фиктивното во македонската политика не е нужно лажно – тоа е селективно, наративно, медиумски обликувано. Фактичкото, пак, не е нужно целосно – тоа е она што е судски потврдено, но не секогаш и целата вистина.
Мојот сомнеж е токму тука: дека нешто од она што сите го „знаат“ – кој следел, кој бил жртва, кој бил херој – е фикција. И дека она што фактички се случило е поинакво, посложено, и далеку од црно-белата слика што ја нудат партиските апаратчици. Верувам дека и овде, како и секаде има „сиви еминенции“ кои не се двоумат да го користат системот за партиски цели. И да бидам подиректен, прстот го насочувам кон луѓе блиски до СДСМ. За жал, тешко е со знаења прочитани во весник или во портал, да посочам конкретен виновник. Но, погледнете ја историјата. 80 години имаме прогон на едните, а за жртви се претставуваат другите. Те се жртви на „македонски патриотизам“, па се жртви на „терористичко дувло“, па се жртви на „параноични лудаци“… А секогаш исходот е – „жртвите“ доаѓаат или се држат цврсто на власт.

Фиктивно – имаме демократија. Фактички – мора да падне длабоката држава,  за да стигнеме до „д“ од демократија.

Поврзани содржини