ФИЈАСКО НА ПРОТЕСТОТ НА СДСМ Околу 40 наставници протестираа за плати, ВМРО-ДПМНЕ му порача на Филипче да си замине од политиката
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека платите на наставниците ќе се зголемат од март, како што велат „во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“
Само четириесетина наставници учествуваа вчера на протестот пред Министерството за образование организиран од опозициската СДСМ, со барање за повисоки плати, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска протестот го оквалификува како очаен, затоа што покажал дека претседателот на СДСМ Венко Филипче нема поддршка од своето членство, инаку протестот би бил со поголема посетеност.
„Дваесетина активисти на СДС и Венко Филипче, така изгледаше фамозно најавуваниот протест пред МОН вчера. Венко Филипче нема поддршка од наставниците, затоа што знаат дека е лицемерен. До вчера Венко Филипче беше власт и можеше да им ги покачи платите, тоа не го стори. Венко Филипче очигледно е пуштен низ вода и во СДС од тие кои му кажале да организира протест, на кој има помалку луѓе отколку функционери во СДС. Филипче треба да си замине од политиката. Нема поддршка од никого. А СДС треба силно да се реформира“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека платите на наставниците ќе се зголемат од март, како што велат „во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“.
На протестот пред МОН наставниците побараа зголемување на платите на наставниците во септември за 12,15 отсто, согласно со Законот за минимална плата, порастот на трошоците за живот и колективните договори.
Филипче на протестот истакна дека непокачувањето на платите во образованието значи запоставување на секторот.
– Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати, би рекол понижени, запоставени и навредени од страна на владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние што ни ги учат и образуваат децата – рече Филипче.