ФЕТАИ СО ТУЖБА ПРОТИВ ЧЛЕН НА ДУИ Ќамил Ковачи обвинет за клевета и нарушување на угледот
Правниот застапник на вицепремиерот Арбен Фетаи поднесе тужба во Обвинителството во Скопје, обвинувајќи го Ќамил Ковачи дека ширел лажни изјави и монтирани содржини на социјалните мрежи.
Правниот застапник на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот против членот на ДУИ, Ќамил Ковачи. Тужбата е поднесена во Јавното обвинителство во Скопје.
Од Кабинетот на вицепремиерот информираат дека постапката се однесува на, како што наведуваат, „лагите и клеветите што Ковачи ги ширел на социјалните мрежи, прикажувајќи монтирани изјави што Фетаи никогаш не ги дал“.
„Целта е да се оцрни угледот на вицепремиерот и еден од лидерите на ВЛЕН, да се дезориентираат и излажат граѓаните и да се создаде лажен впечаток, заснован на лаги, монтажа и измислици“, стои во реакцијата од Кабинетот.
Од таму дополнуваат дека оваа постапка претставува јасна порака дека нема да се толерира ширење дезинформации и дека сите правни средства ќе бидат искористени за заштита на вистината.
„Ќе ги заштитиме граѓаните од дезинформации и нема да дозволиме клеветите, лагите и измамите да се претворат во политичко оружје“, порачуваат од Кабинетот на Фетаи.