ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ОД 20 ДО 26 СЕПТЕМВРИ Композиторот Кирил Џајковски награден со „Голема ѕвезда на македонскиот филм“
Специјална „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност ќе му биде доделена на наградуваниот турски режисер Семих Капланоглу.
Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ од 20 до 26 септември во Битола ќе прикаже повеќе од 40 филмови во официјалната програма и ќе има околу 150 домашни и странски гости.
Специјална „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност ќе му биде доделена на наградуваниот турски режисер Семих Капланоглу, а наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), годинава ќе му биде врачена на филмскиот композитор Кирил Џајковски.
Ова беше соопштено на првата прес-конференција на ИФФК во пресрет на новото фестивалско издание.
Директорот на ИФФК Димитрија Доксевски рече дека 46-тото издание на најстариот фестивал посветен на кинематограферите ќе биде „возбудливо, богато и квалитетно“ и оти интензивно го подготвувале во изминатите три и пол месеци.
– Ова е големо богатство што ние треба да го негуваме и затоа ќе се трудам таа традиција да се негува и да се развива. Речиси сѐ што е традиција и концепт на фестивалот ќе го зачуваме и ќе продолжуваме да го развиваме. Остануваат традиционалните официјални програми од минатите гидини – Главната официјална програма „Камера 300“, со која фестивалот ќе се отвори на 20 септември во Битола, потоа Кратка програма, Документарна и Студентска програма, оваа година ја враќаме програмата „Макпоинт“ во која ќе се прикажуваат филмови од македонската продукција, ќе имаме уште неколку селекции на филмови … Оваа година ќе имаме повеќе од 40 квалитетни филмови во официјалната програма – истакна Доксевски.
Селекторот на програмата, Слаѓан Пенев, рече дека главната програма ќе биде дополнително соопштена и ќе прикаже нови филмови наградени на последните најпрестижни светски фестивали – Кан, Берлин, Венеција, Локарно, Торонто…
Во главната селекција се и два макеоднски филма – „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој претходно ќе има премиера на програмата „Хоризонти“ на филмскиот фестивал во Венеција, и филмот на Георги М. Унковски – „Диџеј Ахмет“, наградуван на голем број фестивали, за кој селекторот Пенев кажа дека очекува да биде еден од најсериозните кандидати за главната награда на Фестивалот.
Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов-Изи соопшти дека токму на фестивалот во Битола Друштвото ќе одбележи 75 години од своето основање во 1950 година, кога е формирана и првата продукциска куќа во Македонија – „Вардар филм“. Ќе има значајни содржини по повод годишнината и ќе бидат доделени признанија.
Наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ оваа година му ја доделува на филмскиот композитор Кирил Џајковски која ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот, на 26 септември.
Наградата се доделува од 2013 година кога прв добитник беше режисерот Кирил Ценевски.
Иванов-Изи за Џајковски рече дека не е само филмски композитор, туку „познат скопјанец, творец на културната сцена и на културниот профил на нашиот град и на нашата држава“.
– Го знаеме уште од вермето на неговиот бенд „Бастион“, потоа се појави во „Леб и сол“, на албумот „Као какао“ и направи извонреден исчекор за овој скопски бенд, потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно. За неговите диџејски и соло-проекти воопшто и да не зборуваме… Не е лесно да се најде лауреат во оваа мала земја за оваа награда, а да не се направи пропуст затоа што критериумот е многу висок и таков и треба да остане, тоа е нашата заложба – рече Иванов-Изи на првата прес-конференција по повод 46-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“.