ФЕНОМЕН Е ДА МОЛИШ ДРУГА ДРЖАВА ДА ТИ ГО ПОТВРДИ ИДЕНТИТЕТОТ Бугарскиот европратеник Ковачев реагираше на Резолуцијата на Бундестагот
Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот, вели Ковачев.
Феномен е да бараш од друга држава да ти го потврдува идентитетот, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев коментирајќи ја резолуцијата која ја донесе Бундестагот во Германија во врска со македонскиот јазик, култура и идентитет.
– Проблемот, поточно чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот – вели Ковачев.
Европратеникот им се заблагодари на колегите од германските партии ЦДУ и ЦСУ кои не ја поддржа Резолуцијата.
Според Ковачев проблемот не лежи во модерниот македонски идентитет, туку во фактот што Македонците сакаат да покажат дека имаат континуитет различен од бугарскиот во историјата и во идентитетот.
– Ова е основата на нашиот проблем,од таму доаѓа дискриминацијата и говорот на омраза и сите проблеми што ги имаме. Тоа не се билатерални проблеми, тоа се проблеми поврзани со основните човекови права и европските вредности. Повторно ги повикувам и власта и опозицијата во РСМ да покажат смелост и храброст и да не го продолжуваат моментумот од времето на Титова Југославија. Да си помагаме заедно, да бидеме заедно што побрзо во ЕУ, како што тоа го прават Романија и Молдавија, како што прави Грција со Кипар. Ние треба да сме заедно во ЕУ, а тоа може да се се случи само врз основа на пријателство, добрососедство, со спроведување на Договорот потпишан во 2017 година меѓу премиерите Заев и Борисов, како и со добра волја. Им посакувам на нашите соседи навистина да ги надминат сите пречки и да можат што побрзо да станат членка на ЕУ заедно со нас – вели Ковачев.